Осуда и демант на лагите искажани од страна на Стоп Операција Сорос за ЏЕФ Македонијa

 

 

Здружението Млади Европски Федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија) најостро ги осудува лагите и невистините упатени кон Здружението од страна на движењето „Стоп Операција Сорос“ (СОС) на пресот оддржан на 04.02.2017 и ги отфрла во целост како неточни, непрофесионални, нечесни и малициозни лаги наменети за наштетување на угледот и чесноста на работата на ЏЕФ Македонија, членовите на ЏЕФ Македонија, и на целокупната европска мрежа на национални секции Млади Европски Федералисти.

 

ЏЕФ Македонија ја демантира изјавата на СОС дека е наменски креирана организација за да предизвикува тензии во Македонија. Нашето здружение е формирано уште пред Република Македонија да ја прогласи својата независност од СФРЈ, поточно во пролетта 1991. Нејзини основачи, меѓу другите, биле Димитар Мирчев, Нано Ружин (прв претседател) и претседателот Ѓорѓе Иванов. ЏЕФ Македонија постои речеси 26 години и низ годините (со одредени прекини) ги промовирала европските вредности и идејата Македонија да се интегрира во ЕУ. Согласно Статутот на ЏЕФ Македонија, истата е младинска, но и политичка организација чија цел е политичко активирање на младите во процес на интегрирање на Македонија кон Европа, како и поттикнување промени со цел формирање на правично, слободно, инклузивно, партиципативно, транспарентно и демократско општество. Оттука, активното учество на ЏЕФ Македонија во општествено-политичките збиднувања во РМ само оди во прилог на она што значи активно и одговорно граѓанско општество во една демократија кое будно ја следи работата на власта и претставува нејзина рамнотежа.

 

ЏЕФ Македонија ја демантира изјава на СОС дека нејзина цел е обезличување на Европа, укинување на идентитетот и независноста на одделните држави на сметка на создавање на еден „Федерален Континентален Монструм“. Напротив, ЏЕФ Македонија работи во согласност со политичката платформа на Младите Европски Федералисти, ревидирана во 2015, усвоена на XXIII европски конгрес во Цирих (достапна тука). Доколку го погледнете делот за Уставот на Федерална Европа ќе видите дека истиот предвидува создавање Европска Федерација која ќе биде лимитирана со начелото на СУПСИДИЈАРНОСТ (точка 2.1.2), кое подразбира донесување на политички одлуки на што е можно пониско ниво, отколку од еден центар на моќ.  

 

Во ЏЕФ Македонија како и по принципот на ЏЕФ Европа, членуваат индивидуи кои имаат различни идеолошки гледишта и ставови, кои се протегаат низ цел политички спектар, но сите членови ги поврзува една иста желба, а тоа е да ја видат Македонија како модерна и демократска Европска земја. Принципите на функционирање на ЏЕФ Македонија се целосно демократски, каде членовите освен што имаат право и слобода да учествуваат активно во работата на здужението, имаат целосна слободна да ги артикулираат своите политички ставови надвор од здружението, без оглед на тоа дали начинот ќе биде гостување во дебата или граѓански протест.

 

ЏЕФ Македонија ја демантира изјавата на СОС дека работи по наредба на Фондацијата Отворено Општество, според агенда диктирана од Џорџ Сорос и на политички кампањи на СДСМ. Напротив, ЏЕФ Македонија работи на остварување на своите цели согласно статутот на ЏЕФ Македонија и политичката платформа на Млади Европски Федералисти.

 

Финално, навистина сме изненадени, од информациите кои г-дин Чилиманов ги презентираше на пресот, со оглед на тоа дека веќе е запознаен со работата на ЏЕФ Македонија со која своевремено беше во комуникација, како потенцијален гостин за дебата.

 

Здружението Млади Европски Федералисти – Македонија ги квалификува изјавите на движењето Стоп Операција Сорос како тешка навреда и клевета, и бара од истото јавно извинување во рок од 7 дена. Во спротивно, Здружението ќе поднесе тужба за навреда и клевета.

 

Соопштение на ЏЕФ Македонија

Фото: Цветин Чилиманов,основач на СОС