Осудените за ,,Диво насеље“ со провокации и закани одбиваат да го признаат македонскиот суд

 „Не го признаваме овој суд. Бараме меѓународна истрага”.

Вака, синхронизирано постапија денеска обвинетите за случајот ,,Диво насеље“. Ја навредуваа судијката , ѝ се закануваа, извикуваа политички пароли против Македонија, покажуваа симбол на орел, не го признаваа македонскиот .

Ова е Албанија, судиите се дојдени тука, а не ние, ние сме автохтони, тука родени, извикуваа дел од обвинетите.

На овој начин тие го попречија судскиот процес, а опструкцијата им успеа.

По предупредувањето на судијката дека нема да толерира вакво однесување, тие решија да го напуштат судењето. Со лисици на раце беа вратени во затворот во Идризово. Во заедничката изјава тие бараат:

,,Премиерот Зоран Заев да ги изнесе доказите дека овој случај е политички монтиран, дека бил замка подготвена од власта на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Во телефонски разговор Артан Груби и Али Ахмети не прелажаа дека можеме да се предадеме со посредство на ОБСЕ.  Да се објави целата снимка од полициската акција за да се види дека командантите Бег Ризај и Мирсад Ндрецај беа убиени откако ѝ се предадоа на полицијата“-се вели во нивното барање..

Откако заминаа од судницата, јавната седница продолжи. Судијката Периќ образложи дел од првостепената пресуда напишана на околу 700 страници. Адвокатите утре ќе ги изнесат нивните аргументи.

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација Кривичниот суд во ноември 2017 година на казна доживотен затвор осуди осуммина, останатите добија казни затвор од 12 до 40 години, а четворица беа ослободени.

Јавната седница во Апелациониот суд се одвива под силно полициско обезбедување.

Во акцијата на МВР пред 4 години во кумановско ,,Диво насеље“, загинаа 8 македонски полицајци, а беа убиени 14 припадници на терористичката група.