Осумтемина ,,независни“ го диктираат темпото во Парламентот

Елизабета Канческа Милевска, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Зекир Ремчиловиќ, Владанка Авировиќ, Нола Исмаиловска Старова, Емилија Александрова и Сашо Василевски, се осумте пратеници кои почнаа да го диктираат темпото и да ги наметнуваат своите политички ставови во Собранието.

Тие со своите гласови потребни за двотретинско мнозинство, го издејствуваа Законот за амнестија, кој ќе им донесе ослободување од кривична одговорност само на пратениците од нивните редови, но не и на водачите на За заедничка Македонија.

Имено, обвинителката Вилма Рускоска во интервју за ,,360 степени“, веќе се изјасни дека Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Игор Дурловски, не ги исполнуваат условите за амнестија. Тие практично, според обвинението, се сметаат за организатори на нападот врз Собранието и врз пратениците.

Но, од друга страна , Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои се дел од издвоената пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ, ги исполнуваат условите за амнестија.

Пратениците кои си обезбедија за себе амнестија, сега одат чекор подалеку, па сакаат да си обезбедат и постојано вработување по завршување на пратеничкиот мандат и тоа , се разбира, во администрацијата.

Тие ја изнесоа својата идеја за нов закон, според кој предност при вработување во јавна админситрација би требало да добијат пратениците на кои ќе им заврши пратеничкиот мандат.

Ова, според неофицијални информации, е  дел од нов закон за подобрување на статусот на народните избраници по истекот на нивниот мандат.

Работната група за реформи го подготвува законското решение, иако се тврдеше дека ова тело ќе ги подготвува исклучиво законите неопходни за преговори со Европската унија.

Како што јавија повеќе медиуми, идејата е на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а е поддржана од СДСМ и ДУИ и тоа непосредно пред конечното гласање на Уставните измени и законите за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Оваа мала, но очигледно влијателна пратеничка група, го предложи и амандманот за дополнување на уставниот амандман кој е дел од уставните имени, а тоа е да се дообјасни дека македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, не ја прејудицира етничката припадност.

Од друга страна, пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски, реагираше на својот ФБ профил :

,,Никој не смее да биде привилегиран само затоа што бил избран или именуван функционер.
Законите ги регулираат правата и обврските на сите избрани и именувани функционери за време и по завршување на нивниот мандат.
Ставањето во привилегирана позицијаза време и по престанок на функцијата е спротивно на принципите на недискриминација и еднаквост.
Наместо да се зголемуваат, привилегиите треба да се минимизираат. И тоа веднаш, пред да се уништи јавниот имиџ на функцијата пратеник кој и без тоа е доволно уништен“-напиша Ременски.

Сите овие непринципиелни договори и предлози, внесуваат немир и незадоволство во јавноста, токму заради нивната неиздржаност и селективност.

Со Законот за амнестија, популарно наречен и за помирување, се постигна спротивното, а практиката покажа дека пратениците остануваат недопирливи и покрај сериозните кривични дела направени на 27 април, згора на тоа си обезбедуваат и дополнителни привилегии.

АКО.мк(Е.Л.)