Осумте пратеници кои гласаа ЗА уставни измени не се каат и тврдат дека гласале по своја волја

По сопствено убедување гласав „за“. Овој процес мора заеднички да го спроведеме, јас сакам да бидам активно вклучена во него, да помогнам за изнаоѓање на решенија и затоа се изјаснив за отворање на Уставот. При носење на одлуката се водев од личната желба за просперитет на Македонија и одговорно ги отфрлам наводите за закани кон мене при изјаснувањето, вели пратеничката Нола Исмајлоска-Старова од која и општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Струга побара враќање на мандатот. Таа е една од осумте опозициски пратеници кои гласаа ЗА уставни измени.

Наместо да се разбудиме во еден почеток на хаос, Македонија се разбуди со почеток на решавање на кризата. Тоа се вистинските причини за гласањето и нашата одлука е последица на таквите напори донесена без никакви притисоци од било кого, туку како наша слободно изразена волја врз основа на политичката одговорност која ја имавме во овој судбоносен момент за нашата држава. Сето останато се шпекулации и смислени клевети кои нема да поминат несанкционирани – изјави Зеќир Рамчиловиќ, кој прв го објави писмото со барања како услов да гласаат, а кои премиерот Заев веќе ги прифати.

-Емилија Александрова, исто така тврди дека гласала според лично убедување и дека смета дека донела правилна одлука:

-Одлуката беше тешка навистина, свесни за сериозноста на ситуацијата како во државата така и во политиката и какви се бранувањата таа ќе направи посебно во мојата партија. Но, јас и моите колеги цврсто веруваме дека тоа што дадовме шанса е вистинскиот пат по кој треба да се движиме, нормално уште еднаш да напоменам со прифаќање на нашите услови. – изјави Александрова.

Со гласовите на 8 пратеници на опозицијата, двотретинско мнозинство даде зелено светло за почеток на постапката за отворање на Уставот, согласно Договорот со Грција.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, веднаш ги исклучи од партијата, а сега сѐ погласни се шпекулациите дека тој ќе биде сменет.