Отворена Боемска улица 2

Бардот на староградската музика, Звонко Богдан, и македонската легенда, Нино Величковски, приредија вистински спектакл на отварањето на втората Боемска улица во Дебар Маало. Повеќе од илјада присутни граѓани има можност во живо да ги слушнат најпознатите хитови на Богдан и  Величковски, уживајќи во прекрасната новогодишна атмосфера на украсената Боемска. Настанот во организација на општина Центар беше целосно финансиски поддржан од домашните реномирани брендови Скопско, Тиквеш и Пелистерка. Со греано вино и мезе приготвено од локалните ресторани, атмосферата беше совршена за безвременско уживање и дружба. На настанот пригоден говор и краток настап имаше македонскиот боем, пеач и композитор, Зафир Хаџиманов.

Боемската улица ќе биде место каде граѓаните ќе може да уживаат во духот на старо Скопје. Со проектот е предвидено ограничено движење и паркирањена возилата по улицата, со што скопјани ќе добијат нова пешачка зона и можност за одморање  под сенките на старите и нови костени,велат од Општина Центар.

Ова е втор дел од проектот Боемска улица. Првата беше пуштена пред повеќе од две години.

Боемска 2, според договор објавен на Биро за јавни набавки на 29 март годинава, чини 43.632.737,00 или 709.475 евра. Договорот Општина Центар го склучила со Друштво за производство, услуги и трговија КРИН КГ – ДОО – увоз – извоз Прилеп за партерно уредување, реконструкција на коловоз и изведба на атмосферска канализација на улица Радњанска од улица Костурски херои до улица Орце Николов, односно продолжението на Боемска улица. Уредени се 270 метри во должина, односно 4.000 квадратни метри.