Отворена е првата куќа за родители чии деца подолго се лекуваат во болница

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска ја отвори „Родителската куќа“, која е наменета за родители чии деца се на подолг престој во болница. Родители кои не живеат во Скопје, каде се наоѓа единствениот центар за лекување на малигни заболувања кај деца. 

„Среќен сум што со „Родителската куќа“ ќе им помогнеме на родителите што не се од Скопје, да имаат топол привремен дом за да можат да им бидат најголема поддршка на своите деца кои се на подолг престој во болница и се борат со канцер на хемато-онколошкото одделение. Нема да дозволам повеќе родителите да спијат кај роднините, по околните подруми во куќите околу клиниките и автомобилите, додека нивните деца се борат за живот. Отсега, тие ќе имаат свој дом“, потенцираше министерот Филипче.

Покрај можностите за сместување, на родителите во „Родителската куќа“ ќе им биде овозможена и психолошка поддршка, која е најважна за нив во тие моменти.

„Како министер, здравствен работник и родител ќе сторам сѐ за децата, бидејќи тие се нашиот најголем приоритет. Изградбата на „Родителската куќа“ е заеднички проект на Министерството за здравство и Здружението на граѓани „САНО“ од Скопје“, истакна министерот Филипче и додаде дека оваа куќа ќе биде инспирација и за други успешни проекти со други невладини организации или фондации, без разлика дали се од Македонија или од странство.

Претседателката на Здружението на граѓани „САНО“, Јелена Димовска во име на волонтерите од Здружението „САНО“ се заблагодари на Министерството за здравство што го поддржа проектот „Родителска куќа“. 

„Со гордост можам да кажам дека едно младо здружение кое се грижи за здравјето на децата заболени од малигни заболувања и нивните родители успеа за првпат во Македонија да отвори куќа, во која ќе можат да престојуваат родителите чии деца се на подолг пресот во болница, а не се од Скопје“, рече претседателката Димовска.

Во родителската куќа изградени се четири апартмани во кои ќе има комплетно уредени бањи. Родителите кои ќе престојуваат во куќата ќе може да ги користат заедничките простории како кујна, трпезарија и дневна соба. За децата кои ќе престојуваат во оваа родителска куќа ќе има посебно опремена соба за едукација и разонода, како и библиотека. Престојот во куќата и појадокот ќе биде бесплатен, а во куќата ќе може да престојуваат само оние родители кои ќе добијат препорака од одделенските лекари и директорот на Детската клиника, каде се лекуваат децата.

За непречено функционирање на куќата, ќе се грижи Здружението САНО, а Министерството за здравство ја презема обврската околу комуналиите.