Отворено писмо до Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Пишува: проф.д-р Катерина Тодороска

            Писмово ви го пишувам јавно со оглед на фактот што немам никаква друга врска со вас и вашата партија. Верувам дека вашиот одговор би бил дека доколку сум побарала средба со вас, вие би ми излегле во пресрет и би нашле начин да ме ислушате.  Меѓутоа, фактот што во едно време кога вашата партија беше ВЛАСТ, побарав прием кај неколкумина ваши министри, и до денес искрено жалам за потрошеното време на тие средби. Мојата пракса од тоа време е дека од разговори во четири/шест очи со некои кои лебдат, резултатот е нула.

Не вообичајувам да гледам телевизија бидејќи однапред знам на кој ТВ канал кој се „плука“, а кој „велича“. Меѓутоа, читам по интернетов и по социјалниве мрежи многу информации кои ме натераа да ви пишам само за неколку точки, од сѐ она што ми тежи на душава.

  1. Вашата партија ВМРО-ДПМНЕ е партија која го злоупотреби и, воедно, го посрамоти акронимот ВМРО.

Еве и зошто. ВМРО е синоним за борбата на македонскиот народ за револуционерна борба за ослободување од османлиската власт, но и за создавање на македонска држава по примерот на сите балкански држави формирани со одлуките на Берлинскиот договор од 1878 година. Генерации Македонци, не само револуционерите, се вложиле себеси во остварувањето на тој идеал независно од одлуките на меѓународните договори од 1878 и 1913 година. Денес ќе чуете од „големи“ познавачи на македонската историја како се расфрлаат со квалификации за ВМРО, од кои човек може само да се срами. Но, тоа не говори за ВМРО, туку за последиците од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

  1. Гледам се застапувате за зачувување на македонската историја.

Г-дине Мицковски, за да имате образ да зборувате за зачувување на македонската историја најпрво треба да се потсетите на тоа што направи ВМРО-ДПМНЕ со Државниот архив на Република Македонија. Ќе направам обид да ви ја освежам меморијата во однос на тоа прашање. Во 2012 година, кога во Државниот архив на Република Македонија беше донесена огромна архивска граѓа од архивите на УДБА, веројатно се појавија материјали кои требаше да исчезнат или да не бидат евидентирани во фондовите на Државниот архив. Тогаш, набрзина ВМРО-ДПМНЕ ја донесе Одлука за  престанок и за давање на трајно користење недвижна ствар на Основното јавно обвинителство за гонење на делата од организиран криминал и корупција. Одлуката носи бр. 41-874/1 од 21 февруари 2012 година и е објавена во Службен весник на РМ и е потпишана од заменикот на претседателот на Владата на РМ, Зоран Ставрески.

Членот 3 од оваа Одлука гласи: „Примопредавањето на недвижната ствар од член 1 на оваа одлука, помеѓу Државниот архив на Република Македонија и Основното јавно обвинителство за гонење на делата од организиран криминал и корупција ќе се изврши најдоцна до октомври, 2012 година“.

Меѓутоа, според докуметот кој е насловен „Детален преглед на податоците на (ИМОТЕН ЛИСТ број 51106)  Катастарска општина: Центар 1“ од 2016 година Основното јавно обвинителство за гонење на делата од организиран криминал и корупција не фигурира како корисник на простории од зградата туку Државниот архив на РМ и Институтот за национална историја.

Не, вие, туку директорот назначен до СДСМ, Кирил Петров, според неговите зборови, им помогнал на Обвинителство да си го решат прашањето во Катастар изјавувајќи: ,,Јас бев тој што помогна ОЈО да се впише како сопственик на зградата на Државен архив“,  признавајќи притоа дека лицемерно се залагал како директор Архивот да се врати во својата наменска зграда.

Ако досега не сте знаеле, во таа зграда се чува целокупната документација за македонската историја од 12 век наваму. А вашата партија, заради лични интереси на неколкумина ваши вождови, реши да се стави над интересот на македонската држава и народ и да ги пренесе НЕПРОЦЕНЛИВОТО национално богатство од НАМЕНСКИ ГРАДЕНА ЗГРАДА во една од вашите барокни згради покрај Вардар. За подетални информации можете да ги прегледате дописите, пишувањата и материјалите кои ја одразуваат здраворазумноста од потребата за враќање на Државниот архив во старата НАМЕНСКА зграда.

Така што, г-дине Мицкоски, лицемерно е да зборувате за македонска историја кога ВМРО-ДПМНЕ е корифејот на нејзиното уништување.

За тоа што до денес старата НАМЕНСКА зграда на Државниот архив, зјае празна, друг пат.

  1. Небаре, многу ве интересира „судбината“ на преговорите со Бугарија и резултатите од работата на машовитата Комисија за образовни и историски прашања.

Г-дине Мицкоски. Зарем не знаете дека на чело на македонскиот дел од Комисијата е вашиот кадар кој сесрдно застана зад небулозната идеја на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, за промена на македонскиот државен грб со лавот, во преден план?

Или, тоа е истиот лик за кој, и покрај бројната документација доставена до многу институции, тогашните ваши сфаровци се изјавнуваа како ненадлежни за постапување?

Та немојте, нам да нѝ продавате магла во тегла.

Или, можеби ви пречи што вашиот кадар е експониран застапник на СДСМ-овските напори за обезличување на македонската историја?

И за тоа, многу повеќе, во следна прилика.

  1. Зборувате за здравството и за немоќта да актуелната власт да се справи со пандемијата со КОВИД 19 во Македонија.

Повторно, лицемерно. Доколку толку ве интересираше здравството имавте 11 години да го направите не европско, туку светско. Но, на ВМРО-ДПМНЕ повеќе му конвенираше да ги пренасочува парите во приватни болници отколку да се грижи за Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

И само да ве потсетам. Ние, како граѓани, многупати се собиравме пред Министерството за здравство, барајќи оставка од вашиот министер за здравство, правникот Никола Тодоров, кој, во моите очи, беше и секогаш ќе остане најголемиот виновник за случајот Тамара. Но, ВМРО-ДПМНЕ си ги штитеше пулените, независно од сите дубиози и нелогичности што се случуваа во државното здравство.

Ве слушам, на Комисијата за заштита од заразни болести ѝ прилепувате хонорари за кои немате документ да ги потврдите. Непријатно е.

Или, повторно ви пречи што ваш кадар е на чело на Министерството за здравство?

            Сакам да ви пишам и за образованието и за науката, ама ако почнам тоа ќе биде, најмалку едиција. Мојот сублимиран став за улогата на ВМРО – ДПМНЕ во уништувањето на тоа поле од нашето општество можете да ги најдете на

Се разбира, ако најдете интерес и време да прочитате.

Да не должам, оти писмово, нема да биде писмо туку книга.

За крај, ќе ве замолам, кога говорите пред народот немојте тоа да биде „Слушај што зборувам, не гледај што правам“.

(Катерина Тодороска е професор и научен соработник во ИНИ, еден од основачите на партијата Демократи)