Отворено писмо од група интелектуалци упатено до Европска комисија и Конгрес на САД

 

„Како одговорни граѓани на Република Македонија, во која граѓаните преку сите највисоки органи и парламентарни партии се изјаснија за стратeшка интеграција на земјата во евроатланските структури, ние долупотпишаните интелектуалци, универзитетски професори, аналитичари, поранешни високи владини функционери и дипломати од Република Македонија, со ова писмо, преку вас, се обраќаме до членовите на Конгресот на САД и на Европската комисија.

Нашата основна цел е да ја искажеме решеноста за одлучна одбрана на принципите на парламентарната демократија врз кои е фундирана нашата држава од нејзиното конституирање во 1991 и кои постепено во 11-годишното владеење на кликата на       г-дин Никола Груевски прерасна во автократски режим на хибриден политички систем.

Идилата на 11-годишното владеење во континуитет на ВМРО-ДПМНЕ беше разоткриена во 2016, кога беа откриени големи скандали на неовластено прислушување од страна на МВР на сите оние кои поинаку размислуваа. Но, од прислушуваните материјали беа откриени повеќе финансиски скандали, криминални, изнудувања пари, уцени, уништувања на непослушни бизнисмени, евидентни кршења на човековите права, апсења на новинари, контрола на медиумите, партизација на администрацијата, на судската власт, фалсификување на изборите, изборен клиентелизам, организиран криминал со непосредно учество на поранешниот премиер и сегашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, неговите најблиски соработници и „фамилијата“ како асоцијација за мафијата.

Од тој момент стана јасно дека Македонија нема проблем од идеолошки судир (левица-десница) како што власта настојува да ја прикаже состојбата туку со проблеми од криминална природа: односно битка за владеење на правото и имплементација на кривична одговорност на криминализираните политичари.

Независно од сите докази, судството остана немоќно и под строга контрола на врвот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Затоа меѓународната заедница предложи да биде создадено Специјално јавно обвинителство кое, за жал, нема никаква поддршка од Судот. Од тој момент освен внатрешниот непријател, власта почна да зборува за меѓународен заговор на Брисел и Вашингтон против Република Македонија.

Во овој контекст актуелната власт почна надворешниот пријател да го бара како и секој авторитарен режим кој е во заминување меѓу дипломатскиот кор и амбасадорите од ЕУ и САД ситуирани во главниот град Скопје.

Отпочнаа јавни прозивки на партиските јуришници на чело со поранешниот премиер Груевски и неговото раководство против искусните дипломати од демократските држави во преден план САД, В. Британија, Германија, Франција а на социјалните мрежи се појавија и некролози за ликвидација со ликовите на водечките амбасадори од ЕУ и САД.

Во таквиот еуфоричен анти-американски и анти-европски контекст беше често нарушуван и дипломатскиот кодекс во комуницирањето со странските дипломати. Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, со својата реторика и вулгарен речник на комуницирање отворено ги нападна европските дипломати и нивните институции. Поставуваше дрски прашања кон амбасадата на САД, на ЕУ па дури и на портпаролот на Европската комисија. Секој што мислеше поинаку го класификува како непријател на Македонија.

Изнесените мислења на амбасадорите за надминување на кризата во Македонја со демократски и легални средства и преку реформи, се третираа како мешање и заземање страна во внатрешните работи на Македонија. Овие напади се со цел да се маскира досегашната практика на владеење со корупција и криминал, како и со тотална приватизација и персонализација на државните институции, за што против прекршителите се покренати и соодветни правни процедури.

Ние сме против ставањето под знак на прашање на стратешките евро-атлантски ориентации на земјата кои ги третираме како највисоки вредности. Не се согласуваме со такви напади и навредите врз дипломатите на земјите-сојузнички на Македонија, членки на НАТО и на ЕУ кои несебично помагаат во нашите реформи на патот кон изградбата на либералната функционална демократија.

Во исто време, за нас е збунувачки епилогот од средбата на лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ со рускиот амбасадор во Македонија каде на многу фин начин и со префинет дипломатски речник се опишува текот на разговорите и се возвишува духот на пријателството и заемното почитување меѓу Скопје и Москва.

Уште повеќе сме збунети од брзата реакција на руското МНР, кое без познавање на состојбата во Р. Македонија ги обвнини западните држави за некакво мешање во внатрешните работи и дестабилизација на Р. Македонија.

Граѓаните на Република Македонија независно од нивната етничка, верска и политичка припадност се солидарни во однос на членството на нашата држава во европските и евро-атлантските интеграции. Сметаме дека за Македонија не постојат други алтернативи освен тоа.

Со почит

Prof.Phd. Milcho Panovski – University Professor
Prof. Phd. Osman Kadriu – University Professor
Prof. Phd. Ljubomir D. Frckoski – University Professor; Former minister for foreign affers,
Prof. Phd. Mersel Bilalli – University Professor; Former MP and Adviser to Primeminister,
Prof. Phd. Nano Ruzin, Former Ambassador in NATO
Prof. Phd. Jove Kokenovski – University Professor,
Prof. Phd. Sabaudin Zhuta – University Professor,
Prof. Phd. Borche Davidkovski – University Professor,
Prof. Phd. Zemri Elezi – University Professor; Former Vice-General Secretary of Parliament;
Prof Phd. Gjorgji Spasov – University Professor; Former Minister of Justice; Ambassador,
Prof. Phd. Remzi Izairi – University Professor,
Prof. Phd. Ljupcho Ristoski – University Professor (president of the Institute for Virtues&Value Politics INTEGRA),
Prof. Phd. Mersim Maksuti – University Professor,
Prof. Phd. Gjorgji Tonovski – University Professor,
Prof. Phd. Aurora Karameti – University Professor,
Prof. Phd. Ibish Kadriu – University Professor,
Prof. Phd. Mitasin Beqiri – University Professor,
Doc. Phd. Samoil Malcheski – political analyst,
Prof. Phd. Ali Musliu – University Professor,
Ismet Ramadani – former MP; President of Atlantic Counsil,
Visar Ademi – Poltical Analyst,
Skender Raufi – Journalist, Political Analyst,
Vani Cvetanov – AML , Global Security Consalting,
Xhenur Iseini – Political Analyst