Откриен килограм хашиш во поштенска пратка на скопскиот аеродром

На аеродромот „Александар Велики“ царинските службеници открија и спречија обид за нелегелно внесување на 1 килограм хашиш смола.

Како што известуваат од Царинска управа, во изминатата сабота во царинска испостава на скопскиот аеродром, цариниците забележале сомнителна пратка испратена од Словенија, адресирана на домашна адреса за лице од Скопје, во која стои опис на стока- samples (1 парче) со вредност од 20 евра.

По сомневањето дека има нешто нелегално при физички преглед на пратката од страна на царински службеник во присуство на претставник од курирската пошта, превозник на пратката, пронајден е хашиш смола.

Оваа наркотична дрога била наменета најверојатно за македонскиот пазар, а пратката е со тежина од 1 килограм.

Царинската управа против осомничениот ќе поднесе кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство.