Отпуштените од Вест ја блокираа канцеларијата на Керим

Десет новинари на „Вест“ кои беа отпуштени во август годинава, утринава ја окупираа канцеларијата на еден од сопствениците на весникот, Претседателот на Управниот одбор на МПМ Срѓан Керим.

Тие побараа веднаш да им бидат исплатени отпремнините кои им следуваат законски, а за кои е пробие рокот.

Новинарите биле примени од извршниот директор Јана Станисављева која им ветила дека до утре ќе им бидат исплатени отпремнините.

Отпуштените новинари се сомневаат дека менаџментот ќе ги изигра, откако вчера на состанок со Синдикатот им било речено дека сите новинари од МПМ ќе се префрлат на платен список на „Телеграф“ кој е со нејасна сопственичка структура.

Од сопственичката структура на МПМ траспарентни се само фирмите Мирекс, на Срѓан Керим и Орка холдинг, на Јордан Камчев кого Форбс пред неколку месеци го прогласи за најбогат бизнисмен во Македонија.

Компанијата подолго време се соочува со политички притисоци, а сега се најавува дека дури е можно да оди и во стечај.

Инаку, новинарите на „Утрински весник„ се пред отпуштање или затворање на весникот , како што извести Актуелно вчера, заради што се заканија со штрајк . Вчера од раководството на издавачот МПМ на главната уредничка и бил даден ултиматум или да избрка 10 новинари или весникот ќе се затвори. Тие денеска во Здружението на новинарите ќе одржат прес конференција на која ќе ги најават следните активности.