На ФБ страницаата ,,Ohrid e Super“, на која авторот објавува афирмативни фотографии и видео снимки од убавините на Охрид, пред два дена беа објавени и овие прекрасни фотографии од центарот на градот, направени веднаш после дождот.

Само пред неколку дена социјалните мрежи и порталите беа преполни од фотографии со ѓубре низ Охрид кое го оставаа зад себе гостите и туристите кои ги имаше во огромен број за време на продолжениот празничен викенд.

Кога ќе ги погледнете фотографиите погоре, не може, а да не се запрашаме-па како некој воопшто може да фрли парче хартија, а да не зборуваме за поголем отпад, цели кеси, шишиња и друго врз оваа убавина?

И овие тревници и цветни аранжамани не беа поштедени од помладите гости кои лежеа на тревата, пиеја и уринираа во текот на ноќите. Се жалеа дека нема никаде јавен тоалет.

Охридски комуналец секојдневно го чистеше градот по три пати. Собраа стотици тони отпадоци расфрлени насекаде, па и низ падините кон Канео.

Тука беа употребени надчовечки напори за да се ичистат падините од стрмната планина, а на помош дојдоа и спасувачките екипи на Црвен крст чии членови се спуштаа со јажиња. Извадија десетици црни вреќи ѓубре.

Но, залудно ќе биде чистењето ако не почне да функционира целиот систем на комуналната хигиена. Инспекции, казни, спроведување закони.

Не само во Охрид. Во целата држава, која е претворена во дива депонија.

И за крај, човечката себичност и неодговорност кон природата, околината, кон себе- немаат граници.

За време на дождливите денови, беше забележано видео на пристаништето во Охрид на кое се гледа како сопственикот на ова бротче, исфрла кеси ѓубре во езерото(белите точки се кесите)….

Емилија Лазаревска(ако.мк)