Охрид и Струга без вода!

Големи делови од Охрид и Струга од попладнево се без вода за пиење, откако ЕВН го исклучи од електро – мрежата Меѓуопштинско јавно претпријатие „Проаква“ поради неплатени долгови.

Од ЕВН информираат дека биле приморани на ваков чекор затоа што не вродиле со плод напорите за изнаоѓање начин за сервисирање на милионските долгови и немање интерес кај другата страна за решавање на проблемот.

– МЈП Проаква Струга е без напојување поради долгот којшто го имат кон ЕВН Македонија по однос на испорачана, а не платена електрична енергија. Не вродија со плод предупредувањата и понудите за надминување на ситуацијата, кои ЕВН Македонија неколку години се обидува да ги добие. МЈП Проаква не покажа воопшто никаков интерес за надминување на проблемот и за плаќање на електричната енергија. За тоа се известени сите релевантни институции. На ваков потег ЕВН се одлучи почитувајќи ги законските прописи и во интерес на сите страни. – изјави за OhridNews портпаролот на ЕВН Македонија Атанас Ковачевски.

Од ЕВН додаваат дека се отворени за разговор за изнаоѓање решение за настанатиот проблем и дека биле приморани на ваков чекор поради односот на МЈП Проаква.

OhridNews попладнево побара информација од одговорните во МЈП Проаква зошто граѓаните немаат вода за пиење. Ни беше кажано дека причина е интервенција на електро системот и дека за еден час граѓаните ќе добијат вода, но тоа не се случи до 18.44 часот кога е објавена оваа информација.

Извор: OhridNews.mk