ОЈО: Родителите може кривично да одговараат затоа што ги заклучиле трите деца што изгореа во пожар

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес го заврши увидот на лице место каде вчера избувна пожар и констатираше дека во пожарот три деца на возраст од четири, две и една година го загубија животот. Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил трошната куќа, која е дивоградба на непристапен терен.

При вршење на увидот, јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на телата на починатите деца и вршење на идентификација. Ќе се врши проверка на трагите земени од лице место за да се утврдат причините за настанување на пожарот. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес презема дејствија за расчистување на околностите на настанот и за утврдување евентуална кривична одговорност.

Трите деца на Никола Давчевски и Марина Антониевска од Велес изгореа во пожар, кога се запали собата во која живееле. Соседите велат дека ги виделе пламените јазици  околу 16 часот и веднаш ја алармирале противпожарната служба, но додека пожарникарите стигнале, децата веќе биле мртви.

Остатоците на изгорените тела биле најдени легнати еден врз друг, во непрепознатлива состојба.. Никола и Марина со малолетните деца и уште еден 19 годишен посинок биле социјално загрозено семејство. Соседите раскажуваат дека тука се населиле пред  две години, но ретко контактирале со луѓе.