ОЈО: Сослушани 70 сведоци за изборни нерелугарности и донации

Основното јавно обвинителство – Скопје кое е под раководство на Марко Зврлевски, соопшти дека досега се повикани на разговор и сослушани 70 сведоци за изборни нерегуларности.

Ова соопштение од ОЈО е изнудено заради објавата на информациите во медиумите дека Јавно обвинителство отворило паралелна истрага за донаторите на СДСМ, откако СЈО отвори истрага за нелегални донации на ВМРО ДПМНЕ во Охрид, по што повиканите сведоци јавно ги соопштија сите детали и ја повредија тајноста на постапката.

Во соопштението на ОЈО се вели:

ОЈО ја известува јавноста дека во врска со изборни нерегуларности има отворено постапка уште во 2016 година. Основното јавно обвинителство – Скопје во работењето постапува неселективно и неповрзано со преземени дејствија на други органи, ја води постапката без да објави податоци за нејзиниот тек за да не ја повреди тајноста што  е обезбедена со закон.

Постапувајќи по кривична пријава поднесена од надлежна институција, Основното јавно обвинителство – Скопје минатата година оформи предмет против едно лице – организатор на изборна кампања и други лица, како и против едно правно лице за сторено кривично дело – Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања од член 165-а од Кривичниот законик. Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи.

Во рамките на постапката досега се преземени претходни дејствија, побарана и прибрана е материјална документација, релевантни писмени докази, а во просториите на Основното јавно обвинителство – Скопје се сослушани повеќе од 70 лица сведоци.

Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека во моментот кога ќе се стекнат законски услови, јавното обвинителство ќе излезе со поконкретни податоци.