Пандовизија

На почеток сакам да прашам, дали се сеќавате што кажал вчера Пандов во некоја емисија на некоја телевизија? Не? Ви се молам, ајде размислете уште еднаш. Еве, не мора да сте ја гледале токму таа емисија, сетете се што кажал, завчера, ден пред тоа, уште еден ден пред тоа? Минатата недела, минатите месеци, минатите години…Пак, не? Па, тогаш дали зборуваме за истиот Пандов, Александар Пандов? Ниту една реченица, мисла, збор, ништо?

Добро, одиме натаму. А Никовски? Како кој? Па, Ристо Никовски. Не ми се верува дека прашавте кој? Па секоја вечер го имате на малите екрани, некому за добра некому за лоша ноќ. Е сега, како –аман доста со тој Никовски! Што? Е не знам колку години има, што е важно? Зошто не си седел дома со внуците? Ааа, сега сакате да ме навлечете на тенок мраз и оп – пред Комисија за заштита од дискриминација. Не сум јас таа што треба да се грижам за неговото здравје. Туку, да се вратиме на нашата тема. Ајде исцитирајте некоја негова мисла, некое решение што понудил, кој проблем го решил? Како нема никакви надлежности да одлучува, никаде?! Ма што зборувате? Невозможно. А јас мислев некој многу важен фактор е во оваа наша државичка.

Знам, знам. Си помисливте, сум станала комуњарка, можеби соросоид, платеник, предавник.. Си рековте, ја фативме. А продава басми дека е независна, неутрална, балансирана…

Е па баш да не ви попуштам!

А Фрчковски, а Сашо Ордановски, а Ѓунер, а Милчин, а, а, а…..

Па тие ги направија масакр овие погоре спомнатите, патосот го избришаа со нив, ги нокаутираа и се така. И ајде пак од ново, и ајде пак од ново, и ајде пак од ново….не, не ми се заглави копчето на тастатурата, туку само се обидувам да напишам колку пати се репетира горе наведената ситуација на македонските електронски медиуми.

Repetitio mater studiorum est!

И не знам што тука не е јасно?!