Панчевски: Секој судија во кривичниот суд е дуќанче

Претседателот на основниот суд Скопјке 1 Скопје го осуди вчерашниот инцидент во судот што го раководи, но најави дека намера да се повлече и покрај сите скандали и влошување на меѓучовечките односи, туку повторно ќе се кандидира за првата функција во судот.

Тој во изјава за порталот Сакам да кажам рече дека секој судија во Кривичниот суд е дуќанче и сега откако чешмичката секнала, тие се нервозни.

 

,,Секој судија во Основниот суд Скопје 1 е дуќанче, секој судија е чешмичка. Чешмичките им се затворија, па затоа се бесни”-вели Панчевски

Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, по вчерашниот инцидент во кој вербално и физички била нападната портпаролката на Судот од нејзин колега, за порталот СДК изјави дека чинот е срамен и за жал, ќе остави лоши лузни на угледот врз Кривичниот суд.

На прашањето што се случува последниве две-три недели во дворот на најголемиот суд во Македонија, Панчевски вели:

“Чудно е ова, веќе не е смешно. Нема ден да нема некоја монтировка. Само знам дека ништо не е случајно. Не беше случајно ни интервјуто на претседателката Лидија Неделкова во кое изнесе критики кон мене. Можам да кажам дека од измислени работи тешко се бега. Но, не се откажувам од кандидатурата за повторен избор. Ќе издржам до последен здив“.

Тој смета дека политичката ситуација влијаела врз напаѓачот Г. С., раководител на одделот за човечки ресурси, да ѝ се втурне во канцеларија на портпаролката, да ја навреди и да ѝ се закани.

“Знаете како е. Каменот од блиску доаѓа. Овој човек имаше и порано испади, а јас сакајќи да го смирам неговото поведение, го унапредив дури три скалила. Пред да ја нападне портпаролката, цела недела преку анонимни претставки ја повикува Трудовата инспекција. Јас се расправам со инспекцијата на министерката за труд и социјала Фросина Ременски, бидејќи пријавил дека вработени од моја страна биле прераспоредувани на други места во судот. Инспекцијата не најде ништо, а тој веќе пријави уште еден случај, бидејќи ниту судиите, ниту вработените од администрацијата не сме биле на задолжителните систематски прегледи. Откако објаснив дека немаме средства за тоа од Судскиот буџет, инспекцијата прифати и си замина“, вели Панчевски.

Тој најави дисциплинска постапка против Г. С, независно од тоа што полицијата ќе постапува по пријавата од нападнатата портпаролка. Вели дека станува збор за потешка дисциплинска постапка, бидејќи едно лице доведува до нарушување на односите во институцијата. Повикувајќи се на фотодокументација објавена во медиумите, Панчевски тврди дека Г. С. е запален опозиционер, кој ѝ се втурнал на недолжната портпаролка.

Скандалите околу Панчевски почнаа со поднесувањето на кривичната пријава против него од судијата за прекршоци Иван Џолев до ОЈО Скопје, за незаконско влијание за носење одлука врз судија и за поткуп. За кусо време се откри дека Панчевски нему претходно му поднел претставка за разрешување, до Советот за утврдување на факти за разрешување на судија.

Вчера, пред да се случи инцидентот, 15 судии од Основниот суд Скопје 1 со петиција побараа од Судскиот совет да преземе мерки против претседателот Панчевски, со оглед на тоа што за приватни тужби и одговор на тужба против него, го злоупотребил  Кривичниот суд, со што го урнисува угледот на Судот. Велат тоа го направил од позиција на сила и моќ. Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски за САКАМДАКАЖАМ.МК  потврди дека добил известување со ваква содржина, со 15 кратки потписи и дека ќе го земе предвид, иако известувањето,  како што рече, било анонимно, без имиња и презимиња на потпишаните.

Панчевски за ова вели: “Кои се тие судии, зошто се кријат? Стојат зад пресуди, а ваму се кријат со скратен потпис. Знаете што, секој судија во Основниот суд Скопје 1 е дуќанче, секој судија е чешмичка. Чешмичките им се затворија, па затоа се бесни“, открива сега и Панчевски кој сѐ работи во најважниот суд во Македонија, во кој спаѓаат и одделот за организиран криминал и корупција, судот за прекршоци, за малолетници и други оддели.

 

Извор-СДК