Париз добива сала за конзумирање дрога

Во Франција, во Париз, во петок ќе биде отворена првата сала наменета за наркозависници, каде што ќе можат да земаат дрога во добри санитарни услови.

Оваа иницијатива ја поздравија бројни здруженија во Франција, но наиде на остри критики кај десницата.

Министерот за здравство, Марисол Турен, и градоначалникот на Париз, Ан Идалго, ја посетија „салата за конзумирање дрога со минимален ризик“ во болницата Ларибуазијер, во парискиот кварт кој е најповеќе погоден со проблемот на токсикоманија.

Франција така им се придружи на Германија, Австрија, Канада, Шпанија, Данска, Луксембург, Норвешка, Холандија и Швајцарија, земји во кои отворањето на вакви простории беше ефикасно.

Просторот од 450 метри квадратни ќе биде отворен секој ден од 13.30 до 20.30 часот.

Дневно ќе може да прими до 100 полнолетни корисници на кои на располагање им се услуги на лекари, болничарки, едукатори, социјални работници и работници од областа на безбедноста.