Парите од катна гаража се пренаменети за новото основно училиште во Капиштец

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, заедно со советниците и вработените во општината, денеска извршија увид во текот на градежните работи на новото основно училиште, кое се гради во Капиштец.
Оваа најбројна населба, со 12.000 жители, добива за првпат основно училиште, а во општината се гради  училиште по цели 47 години.
“Задоволни сме од текот на градењето, кое оди според планот и затоа очекуваме од учебната 2018-та година, 500-тини деца од 6 до 15 годишна возраст наставата да ја следат во најмодерното училиште. Таканаречената “Школа – парк” ќе има вкупна површина од 12.000 м2, со ботаничка градина, кабинети со најсовремена опрема, подно греење и со спортски објекти“, рече градоначалникот Жерновски.
Поставен е темелот на објектот и на ред е првата плоча. Досега се вградени 70 тони арматура, 526 кубици бетон и направен е ископ од 2000 м2 за собирање на подземните води. Десет бунари ќе ги исцрпуваат овие води. Монтирана е хоризонтална изолација и громобранска инсталација.
Изградбата на ова училиште целосно ќе биде покриена исклучиво од буџетот на општина Центар и наместо парите кои беа предвидени за барокна гаража, децата од овој дел на општината ќе учат во модерно училиште, изградено од високо квалитетни материјали.