Партијата ДЕМОКРАТИ смета дека ,,Мој ДДВ“ е промашена мерка со ефект нула

,,Партијата ДЕМОКРАТИ смета дека „МОЈ ДДВ“ е уште една, од старт импровизација, наводна „мерка“ за подобрување на животот на граѓаните. ДЕМОКРАТИ се уверени дека со „мерката“ наместо реално зголемување на стандардот на граѓаните, тоа ќе прерасне во отповарување на граѓаните со регистрација преку апликација, скенирања, праќање на пораки за минимално враќање на данок, така што тоа ќе биде „мерка“ со ефект НУЛА за граѓаните.

Во предизборната кампања на владеачката СДСМ во 2016 година, меѓу многуте мерки за “Живот во Македонија„ од страна на сегашниот премиер Зоран Заев беше ветена и мерката “Враќање на 15 проценти од платениот ДДВ„. Беше ветено, дека кај граѓаните ќе се врати 15 проценти од платениот ДДВ од 18 проценти за секоја сметка, вклучувајќи ги и сметките за струја, вода, телефонија, храна, облека, буквално сè за што граѓаните платиле данок.

Години подоцна не видовме ништо од најавуваното. Но, деновите сведочиме актуелизирање на оваа мерка, разни кампањи, дебати за истата, „бенефитите“ кои ќе ги имаат граѓаните, начинот на кој таа ќе се спроведе, потребните државни ресурси и помошта од УЈП која ќе им се понуди на граѓаните. Од сè што опфати оваа пропаганда како ДЕМОКРАТИ можеме да истакнеме дека истата е од популистички карактер, од која граѓаните нема да имаат никаква корист, особено граѓаните со просечни примања, оние со ниски примања или оние  кои немаат примања.

Начинот на кој ќе се спроведува оваа мерка како проект “Мој ДДВ„ е целосно нефункционален, оптоварувачки за граѓаните, 15 проценти од данокот ќе се враќа само доколку граѓаните се регистрираат во електронската апликација, па преку своите андроид телефони ќе вршат скенирање на сметката и во рок од 10 дена ќе ја прикачат во оваа апликација.

Од ова јасно произлегува популизмот на оваа мерка, па како ДЕМОКРАТИ прашуваме дали граѓаните кои живеат на работ на егзистенцијата имаат компјутери или андроид телефони, интернет конекција за да се регистрираат и извршат праќање на фискалната сметка преку порака, како и дали за платената порака ќе се наплаќа услуга кон телефонскиот оператор, дали со една порака може да се пратат повеќе сметки или за секоја сметка треба посебна порака, колку граѓаните ќе имаат добивка од овој вратен данок (ако се земе во предвид дека за докажан платен данок на сметка од 1.000 денари се враќаат 27 денари од кои не може да се купи парче леб), ако нивните примања се далеку под просекот или воопшто немаат примања. ДЕМОКРАТИ прашуваат како оваа постапка ќе ја спроведат пензионерите и повоздрасната популација знаејќи колку можат да располагаат со компјутерски знаења.

Уште повеќе, како ДЕМОКРАТИ реагираме на тоа што што сега во оваа мерка се вклучени само плаќањата на граѓаните за кои им е издадена фискална сметка, кое нешто отстапува од ветеното за време на изборната кампања во 2016 година во која јасно беше ветено дека ќе се вклучат сите плаќања кои ги извршиле граѓаните. ДЕМОКРАТИ реагираат дека во враќање на овој данок не се вклучени сметките за вода, струја, телефонија, парно, комуналии, одржување на заеднички простории, кои се плаќаат во пошта и банките и не се издава фискална сметка, плаќањата кои ги вршат родителите за своите деца во градинка, основно, средно и високо образование, за курсеви, ужина, училишни патувања, разни потреби од образованието и голем број на други услуги како што се едукативни, спортски, културни, рекреативни услугиза кои се издава уплатица наместо фискална сметка, купување на зелените пазари и многу други производи за кои не се издава фискална сметка а граѓаните реално платиле, а за кои услуги и производи се троши најмногу од семејниот буџет.

ДЕМОКРАТИ реагираат дека оваа мерка е селективна и од истата можат да ползуваат граѓаните кои имаа неколку пати повисоки примања од просечната плата во Македонија. ДЕМОКРАТИ прашуваат колку е бројот, а не процентот на семејства во Македонија кои имаа годишни примања накај 20 илјади евра.

ДЕМОКРАТИ реагираат дека за оваа мерка ќе се потрошат многу поголеми средства од планираните 50 милиони евра на годишно ниво од државната каса за промоција, електронски апликации, компјутерска опрема, ангажирање на вработени во самата Управа, како и на вработени кои ќе нудат мобилна помош на терен. ДЕМОКРАТИ сметаат дека со овие 50 милиони евра, државата може да отвори неколку мини фабрики за производство на овошје и зеленчук, млечни производи, откупни центри, а следејќи ги проблемите со кои се соочуваат производителите во одредени региони од Македонија. Па од причина, оваа мерка е непродуктивна и не придонесува за подобрување на стандардот на граѓаните, сметаме како ДЕМОКРАТИ да ги повикаме надлежните за нејзино преиспитување пред истата да се стави во функција“- вели претседателот на Демократи, Јорго Огненовски.

Тој реагира и на отсуството на медиумите на закажанат прес конференција.

,,Ниту еден новинар од уредно повиканите медиуми не се појави на закажаната прес конференција на партијата Демократи.

Со Вашиот однос само го потврдувате она што веќе од многу места ни е кажано дека постои забрана да се известува за активностите на нашата партија како од страна на провладините медиуми, така и од страна на медиумите на опозицијата.

На цел глас зборувате за слобода на медиумите, ама само декларативно, зашто Вие сте првите и најважни заробеници на политичката тројка (СДСМ – ДПМНЕ – ДУИ). Сѐ додека медиумите се заробени од политичките партии не можеме да зборуваме ниту за слободна држава, ниту за слободни медиуми.

Ние живееме во заробена држава“-смета Огненовски..