Пациентите со симптоми на КОВИД 19 да не се шетаат по болници, да се јават по што ќе бидат прегледани дома

Многу е важно пациентите со симптоми на корона вирус или вирусот означен со медицински термин КОВИД 19, да се јават до центрите за јавно здравје и тие првин да бидат прегледани дома. Дури потоа ако се утврди дека има сериозни индиции на корона-вирус, ќе бидат соодветно транспортирани и згрижени во соодветните здравствени установи.

Министерот за здравство, Венко Филипче ова го соопшти за време на изјавата во која објави дека има уште еден пациент на испитување со симптоми на оваа заразна болест, а како битна превентива од ширење на вирусот.

-Важно е да не се шетаат по болниците, туку да се јават на телефон по што медицински екипи ќе отидат да ги прегледаат во нивните домови, потенцираше министерот.

Лицето допатувало од Дубаи.

Патникот поминал низ термалната камера, која кај него не дијагностицирала симптоматологија на болест. Првите симптоми ги почувствувал по доаѓањето дома, по што се јавил на Инфективната клиника во Скопје и бил примен во 22 часот. Од неговото пристигнување на клиниката, пациентот е ставен во изолација, по што му се направени тестови согласно утврдениот протокол.

Филипче нагласи дека се обезбедени заштитни маски, скафандери со кислород и 120 болнички кревети за пациенти кај кои ќе се појават симптоми на вирусот.