Пендаровски го комплетираше кабинетот, најави дека нема да бара претседателска пензија по мандатот

Претседателот Стево Пендаровски уште сега најави дека по завршување на неговиот мандат(и) нема да бара ниту претседателска пензија, ниту посебен кабинет со вработени, возач и телохранители, туку ќе се врати на своето старо работно место и ќе побара само една канцеларија за користење во МНР како место за контакти со граѓаните.

Ова е негов придонес во намалување на привилегиите на поранешните претседатели, што е иницијатива на ЦИВИЛ, но и барање на пошироката јавност.

На брифинг исто така беше информирано дека ќе бара да не се користат ротациони светла во негова придружба и да не се сопира сообраќајот, колку што е тоа возможно.

Пендаровски ги објави членовите на својот кабинет.

Тоа се: Миле Бошњаковски шеф на кабинет.

Катерина Цаневска-советничка зе медиуми,потоа Билјана Мицевска-шеф на протокол, Гоце Карајанов-советник за надворешна политика, Блерим Кољали-советник за национална безбедност,.

Билјана Радева, е именувана за советничка за односи со јавност, односно портпарол. Радева од 2011 година работеше во Британската Амбасада во Скопје како раководител на службата за комуникации и дигитална дипломатија, а претходно има петгодишно работно искуство од Министерството за одбрана и две години (2006-2008 г.) како шеф на кабинет на министерот Лазар Еленовски. Таа е дипломиран професор по англиски јазик и книжевност и магистер по толкување.

Советничка во кабинетот, задолжена за односи со лицата со посебни потреби, ќе биде Љуљетљ Адеми. Професорот од Правниот факултет, Александар Спасов, политички советник.

Пендаровски ангажира и неколку надворешни советници: поранешниот министер, амбасадор и универзитетски професор Денко Малески, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, уставна судијка и претседателка на ДИК, Мирјана Лазарова-Трајковска и проректорката на Универзитетот на Југоисточна Европа, професорка по казнено право, Беса Арифи, поранешниот министер Александар Димитров и амбасадорот во пензија Александар Тавчиовски.

Претседателот именуваше и нов директор на Агенцијата за разузнавање. Тоа е Ерол Муслиу,актуелен помошник-директор за координација на оперативни работи, кој е во оваа институција од нејзиното основање во 1995 година. Муслиу има диплома од Факултетот за безбедност.