Пендаровски од Брисел: Македонија ги затвори сите прашања со соседите, очекуваме датум за преговори

Претседателот Стево Пендаровски, ја заврши својата прва официјална посета на Брисел, каде оствари средби со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.

,,Република Северна Македонија уште еднаш доби силно признание за сработеното.

Могерини истакна дека останува цврсто на ставот дека Северна Македонија треба заедно со Албанија да добие датум за отпочнување на преговорите во периодот јуни – јули. Ова, посочи таа, ќе го препорача на сите министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, во текот на наредната недела“-информираат од Кабинетот на Пендаровски.

,,Посочив дека од регионот доаѓаат и добри вести, а договорот од Преспа и договорот со Бугарија се примери како можат тешките прашања да се затвораат со храбри одлуки.

Република Северна Македонија е единствена во регионот која ги има затворено сите прашања со соседите, во која функционираат институциите и во која постои определба и волја и во која се работи на исполнување на реформските процеси.

Граѓаните на Република Северна Македонија, поради се што е направено и заслужено, очекуваат нашата држава да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија. Тоа ќе биде од значење и за стабилноста на регионот.

Како претседател на Република Северна Македонија ги повикав лидерите на земјите-членки на Европската унија да ја зачуваат кредибилноста на проширувањето, врз основа на јасни и праведни критериуми за членство, во согласност со индивидуалните заслуги и постигнувања на секоја земја од регионот“-рече Пендаровски.

Претседателот Пендаровски со Доналд Туск