Пендаровски очекува одлучни чекори за справување со дивоградбите во Охрид

,, Утрово разговарав со претставници на македонската делегација кои учествуваа на 43-тата седница на Комитетот за светско наследство која се одржа во Баку. Ме информираа во детали за одлуката на Комитетот, природното и културното наследство во Охридскиот регион да не биде впишано на листата на светско наследство во опасност, како и за акцискиот план за исполнување на препораките заклучно со 1-ви февруари 2020 година. УНЕСКО повторно ќе го разгледува случајот со Охридскиот регион на следната седница на Комитетот во јуни 2020. Нагласив дека сите заедно мора да направиме сè што е во нашата моќ да го зачуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО, македонско и светско природно и културно наследство. Мора да се преземат одлучни и конкретни чекори во справувањето со дивоградбите при констатирано прекршувања на Законот за градење“-соопшти Стево Пендаровски, Претседател на РСМ.