Пендаровски повика на граѓанско помирување

Говор на Претседателот на РСМ Стево Пендаровски во Пелинце по повод националниот ден, Илинден, 2 август:

,,2-ри август е исклучителен повод да се потсетиме и на историското и на современото значење на илинденската кауза. Таа историска епопеја не е само борба за слобода против тиранијата. Илинден, и Крушевскиот во 1903-та и АСНОМскиот во 1944-та, се уникатни по својот карактер, исто како што е единствена и нашата држава и нејзиниот пат кон независноста од 1991-та година до денес. Во ерата на националните романтизми и национализми, Илинден беше и остана симбол на неспорно изразената волја за своја држава, заснована врз републикански и демократски начела и слободниот живот на сите етнички и верски заедници во неа. Повеќе од еден век по Крушевскиот манифест и 76 години подоцна од Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија, не престануваме да се инспирираме од потфатот на тогашните револуционери. Нивната борба за човечки правдини во себе ги спојува хуманизмот, космополитизмот и солидарноста и ги поставува како темелно начело и врзивно ткиво на македонската државност. Нивната визија за меѓуетничка и меѓурелигиска кохабитација е реализирана во денешна Република Северна Македонија како заедничка татковина на нејзините граѓани, обединети околу принципите на слободата, човековите права, демократијата и солидарноста.

На сите ни е јасно дека освен животниот стандард, нашиот главен проблем е тоа што не сме сите еднакви пред законот. Нефункционалната администрација, високата корупција и неефикасното судство не се само пречка за побрзо интегрирање во Европската Унија, туку, многу поважно, тие се главната пречка за да живееме нормален живот во пристојно уредена држава. Нашите граѓани, со право, се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал, се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал.

Секоја злоупотреба на функцијата, секој злоупотребен денар од јавните финансии, секој наместен тендер, секое влечење на судските постапки со години, секое малтретирање на граѓаните во административните коридори се причина повеќе за одлуката за заминување од државата на многу млади луѓе, за затворање или преселба на бизнисите во други држави и за енормното зголемување на фрустрациите и радикализација на граѓаните.

Нови инвестиции, иновации во бизнисот, добро платени работни места, севкупен економски и социјален развој, се можни само во систем во кој е заштитена сопственоста, јавните финансии не се злоупотребуваат за лични цели, просперираат оние кои работат според правилата, а казнети се оние кои ги кршат законите. Единствен начин да изградиме праведно општество е да го применуваме правото. Секоја друга политика, особено онаа која се базира на корупција и клиентелизам, е погубна за нашиот развој и ќе ја уништи перспективата за пристоен живот на огромно мнозинство наши граѓани за сметка на едно привилегирано и корумпирано малцинство.

Во таа насока, сега кога парламентарните избори се завршени, очекувам што е можно побрзо да се конституира новото Собрание и новата влада. Следната влада ќе ја нема комоцијата да не и бидат поставувани тешки прашања во првите сто дена. Актуелните трендови со вирусот нема да дозволат целосно враќање на економијата во погон, а економските проблеми секогаш носат нестабилност и граѓанско незадоволство. Многу порано пред да ги започнеме преговорите со ЕУ, ќе мора да почнеме со практична имплементација на итните правни реформи и да ја интензивираме борбата против организираниот криминал и високата корупција.

Конечно, новата влада ќе има и една друга, комплексна задача, особено после ваква изборната кампања во која беа изречени тешки обвинувања и лични дисквалификации кои дополнително ги продлабочија поделбите меѓу граѓаните.

Веднаш по изборот за Претседател на Републиката реков дека една од моите главни политички и морални обврски ќе биде да работам на граѓанското помирување кое денес, нам, убеден сум, ни е потребно повеќе од било кога во нашата историја како независна држава. Се надевам и очекувам таа моја заложба да биде поддржана и од новата влада и од опозицијата и дека заедно со сите граѓани, независно од нивното етничко потекло и партиско убедување, ќе работиме за остварување на оваа цел. Да нема никој дилема, во нашата земја, сечија етничка и партиска припадност мора да се почитува, без исклучок, меѓутоа, партизирањето и етнизирањето на институциите го поткопува нивниот демократски капацитет и легитимитет и на краток и на долг рок.

Граѓанското помирување е основен услов за функционирање на едно демократско плурално општество, а демократијата е претпоставка за економски развој. Тогаш кога ќе научиме дека политиката е битка на идеи, а не борба на живот и смрт и дека од промената на власта не смее да зависи остварувањето на правата и слободите на секој граѓанин, дури тогаш ќе имаме вистински демократска држава.

За тоа прашање, и после толку години, не губат на значење зборовите на најстариот делегат на првото заседание на АСНОМ. Говорејќи за обединувањето на сите продемократски сили зад истата кауза, недалеку од овде, во 1944 година, Панко Брашнаров рече – во овој момент, земјата на нашите покојници, многубројните народни херои, кои паднаа и ги посејаа коските по цела Македонија – им станува полесна и тие во мир го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледаат идеалната дружба на старите Илинденци, на Гоце Делчев и денешните Илинденци“-рече меѓу другото во својот говор претседателот Пендаровски.