Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев,  во Вашингтон, оствари средба со Потпретседателот на Соединетите Американски Држави Мајк Пенс.

Премиерот Заев, придружуван од Заменик претседателот за европски прашања Бујар Османи, и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на средба со Потпретседателот на Соединетите Американски Држави Мајк Пенс, и со членовите на неговата делегација, разговараа за актуелни политички прашања од интерес на граѓаните на двете земји.

На средбата во Белата Куќа, која дојде на покана на Потпретседателот Пенс, премиерот Заев истакна дека оваа можност доаѓа во клучен историски момент за нашата земја, кога за десеттина дена, нашите граѓани ќе го одредат курсот на Република Македонија кон нејзината иднина во НАТО и ЕУ.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев го запозна Потпретседателот Пенс за активностите за спроведувањето на референдумот на 30 септември, како чекор кој ќе ја потврди иднината на нашата земја во најмоќните сојузи НАТО и ЕУ, и дека во таа насока, тој ги повика сите политички лидери, вклучувајќи ја и опозицијата, да се вградат во таа иднина.

Премиерот Заев за време на разговорот рече дека Република Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО, и дека граѓаните на нашата земја препознаваат дека од нивната одлука на референдумот поканата за НАТО што ја добивме во Брисел, ќе се преточи во протокол за пристапување и со процес за ратификација на нашето пристапување во јануари 2019 година.

Претседателот на Владата на РМ Заев истакна дека столчето во НАТО, кое значи рамноправно учество во работата на Советот на алијансата и безбедност и стабилност за нашата земја уште на почетокот на идната година, го прифаќаме заедно со одговорноста одбранбените стандарди да ги усогласуваме со оние на НАТО.

На средбата со Потпретседателот Пенс, премиерот Заев нагласи дека нашите граѓани знаат дека евро-атлантската иднина, освен консолидација на политичките реформи, ќе донесе и економски раст, кој сакаме да го делиме и заеднички да го остваруваме и со сите наши соседи.

„Охрабрени и инспирирани од средбата со Потпретседателот Пенс, остануваме во тесна соработка со САД во исполнувањето на нашата стратешка цел, да ги консолидираме евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство“, рече премиерот Заев на средбата со Потпретседателот на САД Мајк Пенс.

Потпретседателот Пенс на средбата пренесе пораки и од Претседателот на САД Трамп за поддршката на Вашингтон за покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот договор со Грција што го отворија патот за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

Потпретседателот Пенс нагласи дека Белата Куќа ја охрабрува и ја споделува визијата на Република Македонија да биде демократска, просперитетна земја членка на НАТО и ЕУ.

Претседателот на Владата на Република Македонија и Потпретседателот на САД Мајк Пенс разговараа за можноста заеднички да биде прославен приемот на нашата земја во НАТО наредната година, кој станува реалност со спогодбата со Грција,соопшти владата.