Пеп Гвардиола со неделна плата од 420.000 евра е најплатен тренер на светот

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, го продолжи договорот со клубот до летото 2021 година и стана најплатен тренер на светот. Неговите примања скокнаа од 15.000.000 на 20.000.000 фунти, што е близу 23.000.000 евра за година, или 420.000 евра на неделно ниво. Ако  ја испочитува договорената обврска до крај, Манчестер Сити ќе биде клуб во кој Гвардиола најдолго се задржал. Претходно во Барселона беше четири години, а во Баерн три.

“Исклучително сум среќен и задоволен. За мене е големо задоволство да работам тука. Задоволен сум од секојдневната работа со нашите фудбалери и секогаш се стремиме да го даваме најдоброто на што сме способни. Така ќе продолжиме. Фокусиран сум врз желбата на моите фудбалери да станеме уште подобар тим и секој ден ќе се стремиме да се подобруваме“, изјави Гвардиола по потпишувањето на договорот.

Шпанецот  има 77 победи во 113 натпревари на чело на „граѓаните“. Тој има освоено 23 трофеи во 9 сезони како тренер. Гвардиола оваа сезона го предводеше Манчестер Сити до насловот шампион на Англија со рекордни 100 бода, а пред тоа триумфираа и во Лига Купот.