Петтоодделенци учат од четива со дискриминаторска, стереотипна и антиобразовна содржина

Вака изгледа едно четиво или лекција во учебник по македонски јазик за петто одделение:

Лекција за петодделенци во 21 век

Кога ќе ја прочитате оваа наводна ,,македонска народна приказна“, (прашање е од каде ја нашле, па уште ја избрале за некаков пример), ќе се соочите со четиво кое е полно со штетни пораки за учениците. Како прво, насловот е дискриминаторски, па зборува само за мрзлива сопруга, како да нема мрзливи мажи. Второ, преку прашањата го насочуваат ученикот дека е нормално жената или сопругата да му готви, пере, пегла на мажот и да биде врзана исклучиво за кујната и домот. Трето, го шират натаму стеротипот, па го прашуваат ученикот/ ученичката дали познава некоја друга таква мрзлива сопруга и што мислат за неа?! Типичен пример за озборувачки менталитет. Четврто, самиот говор е полн со омаловажување и непознати зборови за кои воопшто нема прашања или расправа по текстот….

И не е само ова четиво. Во истиот учебник од авторките Љубица Севдинска и Весна Настоска, има изобилство на непотребни лекции, непривлечни за ученици на таа возраст, со антицивилизациски пораки и што е најважно, немаат никаква врска со изучување и совладување на македонскиот современ литературен јазик.

Дури и преку хумористична песна, како што е претставена оваа за желката, пораката на крајот е дека момата треба да седи дома.

Не е првпат родители да реагираат за несоодветното градиво во учебниците. Но, досега никој од надлежните во Министерство за образование, ниту еден министер, владата не се зафатија со најгорливиот проблем во државата, образованието на сите нивоа.

Квалитетот на учебниците, наставните програми, наставниот кадар се нешто што е најважно за просперитет на една нација, кои за жал, вакви какви што се, продуцираат генерации осакатени, образовно секако, млади луѓе, кои потоа се вбројуваат во графата-функционално неписмени.

Емилија Лазаревска