Планинарски подвиг за чистење на стрмнините кон Канео од ѓубрето на несовесните

Членови на Планинарската спасувачка служба при Црвен крст и ЈП „Охридски Комуналец“, вчера направија вистински планинарски подвиг на стрмнините кон локалитетот ,,Св. Канео“ за да го исчистат ѓубрето што минувачите го фрлале туку-така.

Собрани се десетици црни вреќи со остатоци од опаковки на грицки, лименки од сокови и пиво, влажни марамчиња и што ли уште не.

Ова е екипата која го ризикуваше својот живот за да исчисти тоа што некој мисли дека е нормално да се фрла каде ќе му текне. Оти некој требало да чисти после нив и тоа им е работа!, велат таквите.

Операцијата за онечистениот вековен бисер, односно приодот кон него, се одвиваше на исклучително ризичен начин поради недостапниот терен.

Со јажиња се спуштаа членовите на спасувачката екипа при Црвен крст, за да собираат фрлено ѓубре.

Градоначалникот на Охрид вели дека поради исклучително несовесниот однос на посетителите на градот, би додале и на голем дел од жителите ако се погледне околината на станбените згради, се вложуваат вонредни напори да се одржи хигиената во градот.

,,Поради ниската еколошка свест и несовесното однесување на голем дел од гостите кои престојуваат во Охрид, екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ спроведуваат секојдневни вонредни активности за чистење на повеќе јавни локации во градот.Освен отстранување на несоодветно депонираниот отпад, секое утро се врши и чистење на градскиот парк, градскиот кеј, чаршијата, плоштадот, пристаништето, стариот дел на градот и пешачката патека кон Горица.Ваквите активности за одржување на јавната чистота во градот, ќе продолжат интензивно и во текот на наредниот период“-вели градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

Охрид наутро исчистен и светнат. Човек да се праша како им дава срце да фрлат отпад на оваа убавина?

Ентузијасти се обидуваат да ја подигнат свеста на луѓето преку разни апели, реакции на социјалните мрежи и акции на собирање на смет. Но, тоа ниту од далеку не е доволно да се реши овој голем и горлив македонски проблем.

,,Не останавме неми сведоци на расфрлениот отпад од младата популација која секоја ноќ ја деградира оваа од бога дадена убавина и ја претворија во депонија. Во заедничка соработка се подигна отпадот од локации каде активистите на Црвен крст со голем напор и пожртвуваност пристапуваа, каде некој претходно од чиста забава , во неколку минути, го става на испит она што со векови сме го создавале, нешто што е  препознатлив симбол во секоја фотографија која го прoмовира Охрид ширум светот.

Останува светот на младите, но останува и желбата младите да го сфатат значењето во нашите напори за зачувување на нашата околина и нашето културно наследство“-велат од охридски Комуналец.

Потребна е итна и сеопфатна државна и институционална акција. Одржлива и трајна.

Инаку, сѐ е џабе.

Емилија Лазаревска(ако.мк)