Платите на администрацијата ги изедоа парите на квадарчани

Парите на кавадарчани најмногу се трошат за плати на општинската администрација. За тоа како се полнел општинскиот буџет и како се трошеле парите од општинската каса дебатираа советниците во  советот во рамките на 51-та седница.
Опозициските советници остро забележаа дека буџетските пари најмногу се трошеле за плати на администрацијата, а најмалку за инфраструктурни проекти, па поради тоа општината била принудена да се задолжува со кредити. Спротивно на нив,советниците од мнозинството предводено од ВМРО ДПМНЕ пак рекоа дека најголем дел од ветеното реализирале.
„Кварталниот извештај е одраз за недомаќинско и незрело управување со парите на граѓаните. 227 милиони денари од буџетот се потрошени за плати и затоа народот вели, нема ништо направено. Оваа власт ја интересира само колку партиски војници да се вработат во администрација како гласачко тело“ обвини советникот од СДСМ, Зоран Бањански.
Според него тоа е главна причина што нема пари за изградба на улици и други проекти од интерес на граѓаните. Советникот од СДСМ, Горан Белевски оцени дека кварталниот извештај и ребалансот се реална слика на состојбите во Кавадарци.Градоначалникот потрошил 80 милиони евра, а не е изградено ништо во изминатите години.
-„Секоја година ги преценувате приходите. Целта ви е да ветите пред граѓаните се и сешто, а потоа не е важно дали ќе се реализира. Усвојувате одлуки со плацебо ефект. 60% од буџетските пари во овие 9 месеци се потрошени за плати на општинската администрација. Платите ги јадат останатите надлежности на општината од кои бенефит би имале сите граѓани, затоа мора да земате кредит,“ посочи Белевски набројувајќи проекти кои градоначалникот Панов и ВМРО-ДПМНЕ ги ветувале во изминатиот период, а не ги реализирале.
Тој ја потенцира потребата од изградба на нова детска градинка, нова противпожарна зграда, аква парк, затворен пазар. Рече дека иако се одржала манифестација за ставање на темели на училишна спортска сала во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ таа сала се уште не е изградена.
-Невработеноста е 9,8% во Кавадарци. Со само уште едно иселување на младите невработеноста ќе падне на 1% рече Белевски.
На дискусијата на Белевски реплицираше советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев. Тој рече дека сите проекти кои биле ветени ќе се реализираат, а доколку нема реализација, ќе им се извинат на граѓаните.
-„Не бегаме од фактите, но треба да се земат предвид и проектите кои се реализирани. Над 2 милиони евра е само проектот за водоснабдување. Ја подобривме енергетската ефикасност во образовните институции и градинките. Ребалансот на буџетот не значи дека тие проекти нема да се реализираат. Се доцни со реализација на ветеното бидејќи СДСМ, те сака те несака избори, а кога е период на закажани избори не смееме да работиме на терен“ рече советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Анита Гинова-Каракутова.
„Мака мачите да го оправдате градоначалникот, но, тешко. Ако беше се во ред и тој ќе беше присутен на седница. Од 2009 се ветува нова детска градинка, колектор и пречистителна станица во Марена и се уште ништо не е реализирано. Проектот за водоснабдување за кој говорите е од пред 6 години. Кога баравте гласови не кажувавте дека ќе се задолжувате“ реплицираше Белевски. На тоа Гинова Каракутива одговори дека во времето на СДСМ немало потреба од градинки затоа што сите седеле дома без работа и ги чувале децата, зашто не биле вработени.
Билјана Н. Тошевски