Податоците од мониторинг станицата во Гази Баба во текот на утринските часови невалидни поради замена на потрошен дел

ноември 09, 2019

Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста дека поради технички зафат врз инструментот за мерење на суспендирани честички со големина до 10 микрометри од Автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух во Гази Баба, односно замена на потрошен материјал (филтер во облик на лента) преку која се врши отчитување на мерените концентрации, податоците од 06:00 до 11:00 часот на 09.11.2019 година се невалидни.

Истите не се одраз на извршени мерења, туку на соодветен код од инструментот кога има недостаток. Извршена е замена на потрошниот материјал и грешката во инструментот е отстранета. Инструментот е пуштен во работен режим, додека податоците од наредните извршени мерења на концентрацијата на ПМ 10 ќе бидат достапни од 13:00 часот, информира министерството.

Во текот на изминатата ноќ и утрото мерниот инструмент покажуваше енормна зголеменост на загаденоста, што ги вознемири жителите.