Подготвен ребалансот на буџетот чиј дефицит изнесува 8,4 проценти

Владата на Република Северна Македонија на својата 8-ма седница го утврди предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2020 година, и донесе заклучок да го достави на усвојување до Собранието на Северна Македонија.

Согласно финансиските показатели проекциите покажуваат дека дефицитот во Буџетот ќе изнесува 8,4% заради растот на расходната страна во која со најголем процент учествуваат мерките за ублажување на економските последици предизвикани од пандемијата со КОВИД-19.

Приходната страна на Буџетот останува непроменета, а очекуваниот дефицит ќе се покрие со задолжување на домашниот пазар.

Со ребалансот на Буџетот не се предвидени никакви импликации во однос на социјалните трансфери и пензии и тие ќе се исплаќаат редовно.

Сите мерки од пакетите 1,2,3 и 4 за поддршка на економијата и граѓаните во услови на здравствено-економска криза ќе се реализираат согласно плановите до крајот на годината за ликвидност на економијата преку ликвидност на компаниите, и за зголемување на јавната потрошувачка.

Со дополнително кратење на непродуктивни трошоци и со реалокација на средствата во Буџетот ќе се задржи исполнувањето на обврските како што се редовната исплата на доспеаните долгови и субвенции, особено во програмите за рурален развој, за образование, за заштита на животната средина и други еколошки проекти, како и за реализација на капиталните проекти.