Форумот за Демократска Македонија (ФДМ), глобална организација на демократски ориентираните иселеници од Македонија, ја поддржува определбата на владата на Република Македонија за унапредување на односите со соседните земји и продлабочување на взаемната и регионална соработка во економската, политичката и општествената сфера.
ФДМ смета дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија е позитивен исчекор во таа насока и дека претставува вистинска можност за отворен дијалог и решавање на долгогодишни спорни прашања, и зацврстување на взаемната доверба и почитување.
ФДМ во Договорот гледа конкретен обид за стабилизирање на односите со Република Бугарија и во регионот воопшто, и поголемо приближување кон европските вредности и заложби за подобрување на економскиот развој и безбедноста.
ФДМ ја поздравува иницијативата на Република Македонија и Република Бугарија и го поддржува билатералното потпишување на Договорот.