Политичката криза ги остави без молитвен појадок

Нема информација дали некој политичар од Македонија годинава ќе присуствува на традиционалниот молитвен појадок што веќе 65 години се организира во Вашингтон како манифестација на мир и соработка. Доналд Трамп првпат ќе учествува во улога на Претседател на САД, а на него ќе присуствуваат повеќе од три илјади претставници на дипломатскиот кор, на политичкиот и економски естаближмент од 140 држави во светот.

Заради политичката криза во која се наоѓа подолго време Македонија, а сега дополнително заради недефинираната власт и неработењето на Парламентот, иако новите пратеници ги верификуваа своите мандати, нема најави, барем во јавноста, дали некој ќе присуствува на оваа манифестација.

Од соседството своето присуство го најави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Молитвениот појадок ( The National Prayer Breakfast) е настан кој се одржува секој прв четврток во февруари.

Основач на оваа манифестација, која доби широк меѓународен призвук е Абрахам Вереиде, методист со норвешко потекло. Настанот првпат е организиран во 1953 година, а од 1980 година традиционално се одржува во хотелот Хилтон во Вашингтон.

Домаќин на појадокот е некој од членовите на Конгресот на САД, а во нивно име го организира фондацијата Фелоушип, конзервативна христијанска организација попозната како ,, Семејство,, чиј основач беше токму Вереиде.

Целта на ова собирање е поврзување меѓу претставниците на политичката и бизнис заедницата.

Традиционално, на молитвениот појадок се обраќа Претседателот на САД уште од времето на Двајт Ајзенхауер.

АКО.мк
Фото:архива,молитвен појадок 2016