Полициската хеликоптерска единица одбележа 50 години постоење(видео)

Полициската хеликоптерска единица денеска одбележа голем јубилеј – пет децении постоење на Хеликоптерската единица при МВР, организациона единица која што по своето значење, улогата и функцијата претставува стожер  во полициското делување, особено кога станува збор за сложени и крајно специфични полициски активности и операции.

Министерот Оливер Спасовски во обраќањето на свеченото одбележување на 50 години на Хеликоптерската единица за полициски намени, рече:

„Во петдеценискиот развој и работата на Хеликоптерската единица, таа – заедно со сите нејзини припадници – бележи континуиран напредок, како технички, така и кадровски, израснувајќи во максимално респектабилен фактор, неопходен за секојдневното функционирање на министерството. Сето ова е осведочено низ мноштвото ангажмани на единицата, вклучително и мисиите со крајно благороден, спасувачки карактер. Оттаму, сакам и овде, уште еднаш да ја потенцирам нашата решеност – мојата и на актуелното раководство на МВР – да продолжиме со конкретно инвестирање, пред сè техничко, професионално и стручно, во натамошното унапредување на единицата којашто веќе ги достигна високите полициски стандарди на работење, согласно стратешките потреби на нашето министерство, истовремено сообразувајќи се во целост со сличните вакви единици на полициите од земјите на ЕУ“, рече министерот Спасовски.

Во оваа насока, рече Спасовски, со задоволство ќе нагласам дека во претходниов период го реновиравме стариот хангар, и тоа за првпат откако е изграден, а успеавме да обезбедиме ремонт за две летала, и тоа: „Бел 212“, на кое досега не можевме да сметаме и на „206“. Со  модернизација на инструментариумот и вградување на специјална опрема за работа со јажиња, „Бел 212“ ќе се оспособи за животоспасувачки акции, со што двојно ќе биде зголемен капацитетот за извршување на овие благородни мисии.  

Пред околу една година ги ремонтиравме двете летала М-171, а во рамки на сеопфатните активности за материјално обезбедување и опремување на припадниците на полицијата, набавивме и летечки униформи за персоналот и делови од опрема за припадниците на хеликоптерската единица, нешто што не беше направено долго време претходно.

„Ве уверувам дека имаме зацртано да сториме сè што е во наша моќ, да ги употребиме сите расположиви – пред сè финансиски можности, во насока на натамошно развивање на единицата. Тоа е наша должност, но и обврска! Не само поради докажаната вредност на единицата, туку и заради сите досегашни генерации нејзини припадници, кои што го вложиле своето професионално знаење и стремеж во развојот и трансформирањето на единицата во она што таа денес претставува“, рече Спасовски.

На свеченоста по повод 50 годишниот јубилеј свое обраќање имаше и началникот на одделот  за воздухопловни единици Ненад Алексовски кој поздравувајќи ги присутните гости нагласи дека ,, Ретки се но и бесценети овие моменти во професионалната кариера на секој од нас, кога човек може да биде сведок на одбележување на еден ваков убав јубилеј што претставува дополнителна мотивација но и обврска да продолжиме со работа и заеднички да изградиме уште подобар систем што ќе се грижи за безбедноста на нашите граѓани. Овој значаен јубилеј претставува можност да погледнеме наназад во минатото да се осврнеме на почетоците, да оддадеме признание на сите достигнувања и да го поставиме патот за иден раст и развој на единицата,,.

,, Единицата за своето 50 годишно постоење се докажа како значаен елемент во служба на голем број организациони единици на министерството за внатрешни работи почнувајки од специјалните единици, телекомуникации, гранична полиција, крим полиција, сообракјајна полиција, јавен ред и мир, ВИП превоз и многу други служби,, истакна Алексовски.

,,Со ова ја продолжуваме успешната приказна што започна во далечната 1969 година и трае до ден денес, а наша должност е да ја направиме уште поубава и поуспешна до следниот јубилеј ,, заклучи на крајот началникот Алексовски.

Извор: МВР