,,Полошо отколку во СФРЈ пред 35 години“-со часови се чека на граничните премини кон ЕУ

 

На граничните премини во Хрватска и во Словенија во текот на денот беше вистински хаос и метеж. Патниците чекаа со часови да ги преминат границите на овие две земји заради новите шенгенски правила за влез во земјите на ЕУ. Темелните проверки на документите предизвикаа застој и огромни колони возила. На граничниот премин Брегани во Хрватска се чека повеќе од три часа.

Надлежните во Хрватска повторно ги советуваат своите граѓани пред да тргнат на пат убаво да ги проверат своите документи и да видат дали ги исполнуваат новите прописи. Исто така им советуваат помалку да патуваат во викендите заради неподготвеноста на службите да одговорат на новиот предизвик.

Патниците се нервозни и незадоволни. Коментираат дека ова е полошо отколку пред 35 години за време на поранешна СФРЈ.

Еден Германец кој тргнал на викенд кон Јадранот коментира дека се сеќава дека вака чекал во поранешна Југославија. Ова е голема глупост, вели тој за хрватските медиуми.

Многу од патниците кои патуваат кон хрватското приморје сметаат дека новите шенгенски правила ќе ги предомислуваат и помалку ќе патуваат,  а тоа може да биде погубно за туризмот во Хрватска.