Поништена одлуката за лустрација на Ѓорѓи Спасов

Со одлука на Управниот суд во Скопје донесена на 31.08 2016 година Одлуката на Комисијата за лустрација, за лустрирање на Ѓорѓи Спасов е поништена. Адвокатот на Ѓорѓи Спасов, за оваа одлука е известен дури вчера, односно речиси шест месеци по донесувањето на одлуката.

Во образложението на одлуката, Управниот суд наведува дека Одлуката на Комисијата , за лустрација на поранешниот министер за правда и амбасадор Ѓорѓи Спасов „се поништува поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на на материјалното право”.

Фактичката состојба е погрешно утврдена и истата е заснована на нерелевантни докази, констатира судот – информира Спасов на својот ФБ профил.

Ѓорѓи Спасов беше лустриран на 15.12 2014 година, а веста за неговата лустрација беше објавена на насловните страници во некои од дневните весници, во централните информативни емисии на телевизиите и речиси на сите портали на интернет.

Управниот суд досега ги поништи одлуките за лустрација на кадемик Иван Катарџиев, писателот Божин Павловски, новинарката Јадранка Костова, поранешниот обвинител Јован Трпеновски, Данчо Чеврески, Николче Бабоски, Ице Дамчевски и други.

Со оглед на тоа што решенијата на лустрациската се поништени, Управниот суд даде правна поука дека секое наредно процесно дејство преземено од Комисијата, а се однесува на некој од тужителите треба да се третира како нова постапка, за кои лустраторите веќе немаат мандат.

Своевиден рекордер е Никола Бабовски, професор од Битола и претседател на Демократскиот сојуз на Власите, кому три пати му беше поништувана лустрацијата. Со последната пресуда тој е ослободен од клевета дека соработувал со тајните служби, а бидејќи Законот за лустрација не важи од минатиот септември, комисијата нема мандат да почне нова постапка за Бабовски.

Во трите решенија на Комисијата за лустрација од 2010, 2012 и 2014 година, пишува дека постои документ за ангажманот на Бабовски во 1998 година како соработник на тајната полиција, под псевдонимот „Ветеринар“. Според извештаите, тој е наведен како извор на информации, а постоел и документ дека му биле исплатени пари и предлог за престанок на ангажманот во 2006 година. Ваквите наводи Бабовски ги негира. „Она што беше најболно за мене и за моето семејство што врз моите деца се изврши класична политичка педофилија, затоа што и јас, но и тие бевме распнати на сите медиуми, па дури и на веб-страницата на Комисијата за верификација на фактите“, изјави тогаш Бабовски.

На почетокот на годинава од Стразбур пристигна и информацијата дека Европскиот суд за човекови права одлучил дека во случајот со лустрираниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, постоела повреда на членовите 6 и 8 од Европската конвенција за човекови права. Поради тоа што тој бил лустриран во нефер постапка и му е направена повреда на честа, угледот и достоинството, македонската држава е должна да му исплати и парична отштета од 5.350 евра. Ивановски беше прва жртва на македонската лустрација и прв функционер кој мораше предвреме да се повлече од функција. Веста за неговата победа во Стразбур, Ивановски ја оцени како „шлаканица за лустрацијата, но и за естаблишментот“.

Комисијата не работи, но ќе зема плата до 2017 година.