Поповски: Оваа Влада донесе демократија, погледнете ја таа разлика, таа слобода на говор

 

Oсврнувајќи се на сработеното во изминатите 100 дена, министерот за комуникација транспарентност и отчетност, Роберт Поповски рече дека ги направиле Владата и останатите државни институции отворени и достапни за граѓаните и посочи дека се одржуваат редовни брифинзи со новинарите со цел јавноста детално да биде информирана за сите владини одлуки. Донесена е и одлука за декласификација на договорите со странските инвеститори, укинат е и надоместокот за добивање информации и документи од јавен интерес и обезбедено е бесплатно користење на услугите на Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности со цел новинарите да имаат слободен пристап до информации.

Тоа е демократијата што ја донесе оваа Влада, демократијата што ја посакувавме сите, рече Роберт Поповски.

– Една од првите мерки што беше донесене беше одлуката за стопирање на владиното рекламирање. Рекламирањето не е транспарентно и отчетно информирање, туку многу повеќе пропаганда која се злоупотребуваше во изборните циклуси што ги организираше претходната влада. Во пресрет на изборите Владата донесе декларација за заложби за слободни и фер избори. Усвоивме и дистрибуираме прецизно упатство за начинот на постапувањето на премиерот, министрите во Владата и на сите останати државни функционери за користење на државните ресурси како возила, опрема и останато за време на изборната кампања – рече Поповски.

За оваа цел беше неопходно да направиме сектор за комуникација за односи со јавност, а во секторот досега се ангажирани 33 лица со авторски договор.

 

Ме радува што има широка јавна дебата. До пред 100-тина дена во Македонија клучна тема беше кој, кого можеби ќе го пресретне некаде, ќе има напади и закани за убиства итн. До пред два месеца главна тема на социјалните мрежи беше дали Дарко Лешоски ќе биде член на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Погледнете ја таа разлика, таа слобода на говор.

 

Тој ги повика и вработените во државните органи да пријават доколку врз нив се вршат притисоци.

За законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Поповски рече дека ќе биде донесен низ широка јавна дебата и во него ќе бидат вградени сите конструктивни предлози.