Попсимонова:На високото образование му фали срце, а ректорот Јанкуловски сака да го спаси со лоботомија

Професори од УКИМ се спротиставија на најавата и барањето на ректорот Никола Јанкуловски за брзо формирање на паралелеен синдикат со изговор дека веќе постојниот независен не е репрезентативен и дека без таков синдикат нема да може да ги добијат ветени 10 проценти зголемување на платата.

По професорката Мирјана Најчевска, со отворено писмо до Јанкуловски се обрати и професорката Гордана Попсимонова.

Во писмото се вели:

,,Почитуван Ректоре,

Јас сум Гордана Попсимонова, вработена на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје како редовен професор. Член сум на Независниот академски синдикат (НАкС)од првиот ден на неговото основање. Ете, покрај професорката Најчевска и професорката Стевановиќ, имате уште една адреса на која можете лично да се обратите, ставајќи го во втор план значењето и делувањето на НАкС.

На Вашата објава дека наводно сте жртва на „груби невистини„ од страна НАкС, нема да одговорам. Од хигиенски причини. Само ќе Ве вратам неколку години наназад, односно кон крајот на 2014 и почетокот на 2015 година. Ќе Ве потсетам на случувањата кога се уриваше еден систем. Станува збор за Професоркиот пленум, кој заедно со Студентскиот, ја најави промената во нашата држава, започната со атакот врз универзитетската автономија. Со сигурност знам дека не бевте ниту со студентите, ниту со професорите. Вашето ценето име  го немаше на листата на професори кои се кренаа против окупацијата на Универзитетот. Веројатно сте биле преокупиран со поважни работи, како што е подготовката за кандидатура за оваа важна и одговорна позиција која сега ја имате – Ректор на најстариот и најголемиот универзитет во Државата. Или, да бидам и малку малициозиозна (на што имам апсолутно морално право) – сте биле впрегнат во одбрана на ликот и делото на еден господин кој во моментов има уредно регулиран престој во Будимпешта. Но, бидејќи милувате да зборувате за бројки, еве да Ве инфомирам дека тој список броеше 500 имиња и презимиња од сите универзитети и јавни научни институции кај нас. Кон нив беа приклучени и поранешните ректори на УКИМ. Вие не бевте меѓу нив. Според Вашата математика, тоа не би бил „репрезентативен примерок“ за сите вработени на УКИМ, а камоли за целата држава. Точно, во право сте. Меѓутоа, и со толку потписници, Професорскиот пленум ја реализираше својата цел. Иако,  промените на тој несреќен Закон за високо образование не беа прифатени.

Оваа мала-голема победа го означи почетокот на големата борба за системска реставрација на високото образование. За да бидеме оперативни и попродуктивни во таа борба, ние од Професорскиот пленум го формиравме Независниот академски синдикат. Учествувавме во правењето на новиот Закон за високо образование. Нашите колеги работеа деноноќно – без никаков надомест. Не беа сите наши предлози прифатени, иако имавме детално разработени и применливи решенијата. И уште ги имаме, за некои подобри времиња. Направивме длабоки анализи и истражувања  за старосната структурата на вработените на јавните високообразовни институции, за начинот на финасирање во високото образование и науката, ги лоциравме и укажавме на коренитите проблеми кои се закануваат на нашата дејност и сето тоа го претставивме во ресорното министерство и на јавноста. Базирајќи се токму на овие сознанија, го направивме текстот на Колективниот договор за високо образование кој е напишан на 45 страници, содржи 104 члена и претставува солидна основа за конечно разрешување на условите за работа и финанирање во во високото образование. На некој чуден начин, ништо од тоа не допрело до Вас. Всушност, тоа е сосема очекувано, ако се знае Вашата реакционерна улога во времето на борбата за академски слободи.

Почитуван Ректоре, ситуацијата во високото образование е алармантна. Трагична е. Пресериозна е за воопшто да спомнуваме извесни проценти покачување плата. Да се изразам со медицинска терминологија – високото образование е терминално болно. Неопходна е итна трансплантација на срце. А Вие, се обидувате да му го спасите животот со лоботомија.

Дозволете да Ве прашам – која ќе биде смислата од вака, прекуноќ формиран синдикат, кога еднаш ќе се разреши исплатата на фамозниве две илјади денари? За кои, патем, се избори СОНК. Не Вие, и не останатите ректори. Дали сте се запрашале како тоа ќе се одрази врз единиците на Вашиот универзитет и секое следно покачување на платата без исплата на минат труд од основниот буџет? Прашуваме за оние единици кои имаат мал број студенти, односно премалку сопствени средсва за исплата на минатиот труд, што им е законска обврска. Имате и такви на УКИМ. Знаете?

Најискрено се надевам дека ќе ја преиспитате постапката за регистрирање синдикат за еднократна и штетна намена. Еднократна – затоа што, како што самиот порачавте, мора набрзина да се најде начин за исплата за покачување плата, а штетна затоа што може да ги попречи преговорите за сериозен колективен договор, наспроти оној квази-колективен договор кој беше предложен од генералниот секретар на УКИМ, со еден единствен член „покачување на платата од 10%“.

И последно, но и не најмалку битно: Сметам дека фактот што повеќе од 30 отсто од вработените на УКИМ дале бланко пристапница под вакви услови, е најблаго кажано – загрижувачки. Треба длабоко да Ве замисли зошто највисокиот интелектуален слој на едно општество, вака беспоговорно и некритчно се потпишале за насушна плата.  Ако навистина ви е битен угледот на УКИМ, подобро е да не ги обзнанувате овие бројки. Од друга страна, ме радува што поголемиот дел од нас размислуваат со своја глава.

Во други прилики ќе го завршев писмото – со почит. Сега, само ќе се потпишам“-пишува во отвореното писмо до ректорот Јанкуловски професорката Гордана Попсимонова.

Неодамна, професорката Мирјана Најчевска обелодени дека ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски како работодавач на 20.01.2020 година, испратил допис до сите декани и директори на единиците на Универзитетот во кој бара поддршка за формирање нов синдикат.

,, Со овој допис ректорот (како работодавач) им наредува? наложува? ги поттикнува? ги уценува? вработените во високото образование да формираат синдикат (кој ќе биде под директен надзор на генералниот секретар на работодавачот, кој ќе му ги дава сите информации на генералниот секретар на работодавачот и кој ќе постапува согласно налозите на генералниот секретар на работодавачот).
Во дописот се поттикнува прекршување на законите на повеќе нивоа, се атакува на доброволноста на здружување и се врши најотворена уцена со закана: ако не го направите ова на начинот на кој ви диктира ректорот нема да има покачување на платите од 10%.
Што претставува овој допис освен директно кршење на Уставот, законите и поимот на синдикално здружување? “-праша професорката Најчевска.

Ректорот Јанкуловски пак, изјави дека формирањето на синдикална организација на универзитетите не е спротивно со ниеден закон. Тоа го дозволува и член 220 од Законот за работни односи и неосновани се нападите врз нас ректорите, изјави ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски.

-Кога станува збор за прашањето на јавен сектор, потпишувањето на синдикални колективни договори е секогаш меѓу основачот и синдикалната органзиација. Ние ректорите секогаш се трудиме да го подобриме квалитетот во високото образование, да ги подобриме условите за работа и стандардот на вработените во универзитетите. Формирањето на синдикална организација на универзитетите секако дека не е контраиндицирано со ниеден закон. Тоа го дозволува и член 220 од Законот за работни односи. Неосновани се нападите врз нас ректорите затоа што законот тоа го дозволува секој основач на јавна установа потпише договор со репрезентативна синдикална организација. Оваа шанса која ни е наведена за покачување на платите од 10 проценти сметаме дека не треба да се пропушти, особено кога е во рамки на законската регулатива, рече ректорот Јанкуловски на новинарско прашање по потпишувањето Меморандум за соработка со Агенцијата за национална безбедност.

Заради краткиот период, на состанок на ректорите на јавните универзитети со ресорниот министер заеднички одлучиле со Министерството за образование и наука единствена точка на колективниот договор да биде покачувањето на платите, а потоа, додава Јанкуловски, тој договор ќе се проширува со други точки, кои ќе бидат препуштени на автономното функционирање на таа синдикална организација.

-Ние ниту имаме намера, ниту вршиме притисок на некого, како ќе си одлучат тие така ќе работат. Меѓутоа, можам да кажам дека ние како Универзитет само за ден и пол постигнавме реперезентативност што е за поздравување, рече Јанкуловски.

АКО.мк(Е.Л.)