Поради нехигиена секој ден се регистрираат по неколку заболени од шуга

Голем дел од населението не одржува основна лична хигиена и живее во нехигиенски услови, алармираат лекари кои сѐ почесто се соочуваат со случаи на заразната болест шуга кај пациентите.

Како што објавија некои медиуми, само за еден ден во кожната амбуланта на Бит пазар се регистрирани 4 случаи на шуга.

ОУ,,Владо Тасевски“ во Карпош вчера беше затворено , поради регистриран случај на шуга кај еден ученик.

За осум месеци исто дете по втор пат  заболело од оваа болест. Заразната болест кај второоделенецот ја потврдија и од училиштето.

Во училиштето веднаш била направена  целосна дезинфекција. Објектот го посетиле и епидемиолози од скопскиот Центар за јавно здравје и е утврдено дека нема друг ученик заразен со оваа болест.

Изолираниот случај на шуга, по вторпат се појавува кај истиот ученик, поради недоволна семејна грижа за личната хигиена, соопштија од Општина Карпош.

Бидејќи кај истото дете по вторпат се појавила заразната болест, од училиштето ги известиле и социјалните служби. Според првичните неофицијални информации семејството не е корисник на социјална помош, а тим од Центарот за социјални работи ќе утврдува во какви услови живее  и дали станува збор за родителска негрижа, информираат од МТСП.