Поранешниот антикорупционер Воислав Зафировски премина од Интегра во ВМРО ДПМНЕ

Воислав Зафировски, поранешен полициски синдикалец и член на Антикорупциска комисија, на прес конференција со Христијан Мицкоски објави дека ја напушта Интегра.

Тој беше еден од членовите на раководството на Интегра, која успеа да освои над 12.000 гласови на парламентарните избори, но не успеа да влезе во Парламент.

Прес-конференција, 13.09.2020

Прес-конференција, 13.09.2020

Posted by Hristijan Mickoski on Sunday, September 13, 2020

Воислав Зафировски беше носител на листа на Интегра за ИЕ 4 и потпретседател на партијата.

Со него во ВМРО ДПМНЕ преминаа уште неколку членови на Интегра, а Зафировски рече дека станува збор за поголемиот број од претседателството на оваа конзервативна партија.

Го обвини лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски дека ја претворил партија во секта и дека станал вистински деспот.

Мицкоски додаде дека преминале цели комитети од цела Македонија.

Воислав Зафировски даде завет во име на Интегра само пред два месеца.

Интегра демантираше дека раководни структури преминале во ВМРО ДПМНЕ.

,,Никакви раководни структури не преминуваат во ДПМНЕ, тоа е болна желба во умовите на удбашки структури кај нив.По изборите е спроведена идеолошка диференцијација во тимовите, минатиот месец со едногласна одлука на Претседателството разрешен е Воислав Зафировски од сите раководни позиции во партијата поради преминат праг на морална грешка, а во меѓусебен договор двајца носители на листа си поднесоа оставка.

Сите други им беше оставено време и демократска можност да одлучат дали ќе продолжат на патот на самостоен настап на ИНТЕГРА во периодот пред нас или ќе се повлечат од понатамошни активности во партијата.

ИНТЕГРА беше под специјална војна на одметнати удбашки структури за време на изборите, а која не застана и потоа.

Беа спроведени три операции со цел да се стави под контрола лидерот Љупчо Ристовски и партијата да премине и продолжи приклонета, да одработува за ,,туѓи бели дворови“.

ДПМНЕ во својата немоќ да се поврати од пропаста, прибегнува кон подли методи на клиентелистички поткуп, уцени и закани кон лидерството на ИНТЕГРА, свесни дека како партија и идеологија го губат тлото под нозете и дека ИНТЕГРА го презема приматот во опозицијата врз македонските национални интереси.

Лидерството на ИНТЕГРА е монолитно, единствено, сплотено и поревносно од било кога во намерите да го задржи независниот стратегиски правец на политичката сцена и да ја продожи борбата против црно-белата погубна политичка карта во Македонија“се вели во реакцијата на Интегра.