Поранешниот министер за култура Благоја Стефановски почина од Ковид 19

На 67 годишна возраст поради компликации од Ковид -19 почина Благоја Стефановски -Баге, актер и долгогодишен директор на Битолскиот народен театар, поранешниот министер за култура, поранешен пратеник, како и спортски работник вклучен во Ракометниот клуб Пелистер. 

Благоја Стефановски-Баге, беше човекот кој живееше за театарот и за  културата, многу години посветени на културата во земјава и нејзина валоризација надвор од државните граници. Минатата година тој го го  доби највиското општинско признание во Битола, наградата „4 Ноември” за животно дело, што општината го доделува на Денот на ослободувањето на градот.

Стефановски 24 години беше директор на Народниот театар во Битола, а токму за време на неговото директорување театарската куќа ги имаше своите златни години со успешни претстави, многу публика, награди, гостувања и други успеси.

Во своето последно интервју за порталот апла.мк рече:

„Не знам колку имам уште пред себе, но зад себе имам многу години посветени на културата во земјава и нејзина валоризација надвор од државните граници. Неблагодарно е да кажам кој е мојот најголем успех, бидејќи многу работи покренав откако станав министер и претходно, а и после тоа. Бев претседател на многу театарски асоцијации. Сето тоа бараше многу енергија и никогаш не се штедев. И ден и ноќ работев за театарот, како дом ми беше. Живеев за театарот“, рече Стефановски за Апла.мк