Портпаролка во Министерство за култура барала мито за вработување во полиција

Основното јавно обвинителство – Велес поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело Измама.

Основното јавно обвинителство во Велес спроведе истрага и до Основен суд – Велес поднесе Обвинителен предлог против Д.Н.К. вработена како портпарол во Кабинетот на заменикот министер за култура во Министерството за култура на РМ за кривично дело Измама од чл.247 од Кривичниот законик.

Обвинетата се товари дека, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, во периодот од 07.08.2016 до 03.09.2016 година во повеќе наврати ги довела во заблуда оштетените (татко и ќерка) лажно прикажувајќи им го фактот дека може да го вработи нивниот син, односно брат во МВР на огласот за прием на полицајци, кој бил во тек.
Притоа таа се повикувала на блиски пријателски односи со влијателни луѓе од актуелната власт и МВР со што ги навела оштетените да и исплатат вкупен паричен износ од 183.500 денари и тоа етапно, како што течеле активностите околу конкурсот за вработување.

Три дена по последната уплата, оштетените добиле известување од обвинетата по телефон и пристапиле во Центарот за обука во Идризово заради потпишување на договорот за вработување, но им било кажано дека не е организирано потпишување на договори и дека нивниот син, односно брат воопшто не е примен на огласот за обука на полицајци.
Во текот на истрагата беа испитани оштетените лица и сведоци, а беа прибрани и повеќе материјални докази во поткрепа на Обвинителниот предлог.

Инаку, во Министерство за култура заменик -министер е Драган Недељковиќ, а на позицијата заменик-министер за култура доаѓа од местото директор на Управата за развој и унапредување на образованието на припадниците на заедниците при Министерство за образование и наука. Оваа функција ја извршувал во периодот од 2003-2006 година.