Посебно определени маркети ќе вршат достава со намирници во домовите на кумановци за време на полицискиот час

Владата го задолжи Општинскиот кризен штаб на општина Куманово да определи економски оператор/и – маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на подрачјето на Општина Куманово, во деновите сабота и недела.

За оваа цел, се задолжува Општинскиот кризен штаб на општина Куманово, во соработка со Министерството за внатрешни работи да го организира движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намириници до домовите на граѓаните, се вели во соопштението.

Владата донесе уредба и за организирање на работното време во рботните денови.

,,Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица кои работат во овие институции и фирми, а кои живеат на подрачјето на општина Куманово, да завршат со своите работни задачи и активности и да бидат ослободени за враќање во своите домови во периодот од 14.30 часот до 15.00 часот, со цел пред почетокот на забраната за движење на подрачјето на општина Куманово, односно пред 16.00 часот да можат да бидат во своите домови“ се вели во соопштението.

Општинскиот кризен штаб во Куманово ги објави следните препораки:

Денеска  во просториите на Општина Куманово се одржа состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во врска со превземање на активности и мерки од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус). На состанокот беа донесени следниве препораки, заклучоци и мерки:

  • Апел до граѓаните при појава на било какви симптоми, кои можат да укажат на инфекција со корона вирус, веднаш да го исконтактираат својот матичен лекар и доколку бидат упатат до болница да не одбиваат хоспитализација ако тоа им е препорачано од дежурниот лекар.
  • Дежурен телефон на Општинскиот штаб за заштита и спасување е 078 365 061, на кој  граѓаните ќе можат да ги добиваат потребните информации.
  • Општинскиот штаб за заштита и спасување до сега има информација дека дежурна аптека во градот е Провиталис (031 415 303). Штабот апелира и до другите аптеки во градот да воведат ваква услуга за дежурства и да ја почитуваат одлуката за комисија за здравство и владата и за тоа да  известат штабот.
  • Најзагрозени социјални случаи за асистенција при набавка на неопходни продукти, можат да се јавуваат на телефонските броеви : 075 207 126 и 077 71 94 94.
  • Согласно мерките на Владата и информацијата од МВР, земјоделците што имаат неодложни активности поврзани со производство во атарот на своите села, ќе можат да го обработуваат своето земјиште.
  • Согласно препораките на Владата и информацијата од МВР сите граѓани кои имаат потреба за итни излегувања од дома за време на полициски час (потреба од медицинска услуга, работно ангажирање и др.) да го најават своето излегување на телефонскиот број 192 .