Лидерот на ВМРО ДПМНЕ , Никола Груевски, кој вообичаено во Охрид беше придружуван од Гордана Јанкуловска, Зоран Ставревски, Сашо Мијалков, сега последните консултации за својот настап на првиот митинг од кампањата за локалните избори, го направи со сопругата Боркица.

На почетокот, се чини, сакаше да ги импресионира охриѓани со раскажување приказна од детството. Не е сигурен дали Ѓоре се сеќава на него, но тој се сеќава на Ѓоре од Пештани:

,,Инаку, се сеќавам дека јас прв пат дојдов во Охрид како дете кога имав 10 години во 1980та, бевме во лето на одмор, бевме сместени во Пештани во приватно сместување во една куќа, уште паметам дека синот на газдрицата се викаше Ѓоре, тој веројатно не се сеќава на едно палаво дете кое постојано нешто правеше, и кое едвај чекаше кога домаќините требаше да одат некаде зад куќата да ги нахранат домашните животни,  да го гледа тоа како да никогаш не го имал видено. Всушност да бидам искрен и никогаш претходно го немав видено тоа во живо и тој одмор, но и сите наредни доаѓања тука, и постепеното откривање на секоја убавина на овој град секогаш ми биле незаборавно доживување заради градот и заради луѓето во него. И се уште, при секое доаѓање секогаш откривам нешто ново, нешто убаво.

 Но, тоа е приватното доживување на Охрид. Како претседател на владата се сеќавам дека долги години бевме попречувани да направиме нешто за овој град, и кога ќе направевме тогашниот градоначалник имаше некој чуден обичај пред ние да дојдеме и да го промовираме тоа, тој да излезе и да го промовира како проект што тој го завршил.  Бидејки немавме друг таков случај во Македонија, мислев дека по таа работа е единствен тој човек, но подоцна кога пред 4 години мнозинството граѓани ја даде довербата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, на актуелниот градоначалник Никола Бакрачевски,  се уверив дека навистина тоа што се збореше е и вистина, дека градоначалникот на СДСМ, не бил единствен само по китењето со туѓи перја, туку и по тоа што направил најзадолжена општина во државата со долг од 33 милиони евра, со блокирана сметка и со многу проблеми. Знам дека многу луѓе во тоа време мислеа дека докторот си ставил трн во здрава нога што се нафати во таква ситуација да стане градоначалник, но по 4 години можам да кажам дека тој заврши одлична работа, и дека не само што успеа да го намали долгот за цели 13 милиони евра за тие 4 години, туку со многу работа и труд, со заеднички напори успеавме да реализираме најголем дел од ветеното“-рече Груевски.