Посмртна поворкa

од проф.д-р Катерина Тодороска

 

            Вчеравечер (3.03.2017) сосем случајно, во 17.45 часот, се најдов во Велес. Со моите пријатели седнавме во едно пристојно кафуле, Escape (секако напишано на латиница) да испиеме по едно кафе и да прокоментираме дневно-семејни и дневно-политички состојби.

Во 17.55  почна да бие камбаната од новоизградената црква во Велес, па следуваше прашањето дали камбаната бие на секој еден час, односно дали мојот часовник подзастанал пет минути. Не смејте се, секои пет минути во мојот живот се важни.

Уште не го бев добила одговорот, на горниот дел на улицата забележав полициски автомобил со ротација, па јасно ми стана дека тоа ќе да е новосоздаденото чедо на ДПМНЕ во форма на црвено-жолта револуција или контра револуција на шарената.

Седевме на место од кое можете да видите се. И лицата, и изразите на протестирачите. И тука ќе ја видите грешката на системот. А голема е.

Во првите редови беа дечиња околу десетина години со знамиња в раце, потоа неколкумина верни до смрт, за  да ја видите потоа атрофираната Македонија во ликовите на истормозени, насила довлечкани луѓе. Ним, никако не можете да им замерите што се нашле во поворка, бидејќи јасно покажуваа дека насила се присутни, со уцена по корката леб што ги одржува во живот.

Потоа, видовме големо македонското знаме носено од неколкумина партиски следбеници,  а зад него ја видовме целата трагедија на трагичната поворка. Пензионери уплашени од АЛБАНШТИНАТА во градот во кој живеат Албанци, пензионерки и домаќинки кои претпоставувам, никогаш не научиле што е ФЕДЕРАЛИЗАЦИЈА. Ама, тие неволно се влечкаа во тажната поворка против тој процес кој никој не го бара или спроведува во Република Македонија.

Одвреме – навреме, некој од верните до смрт преку мегафон ќе повикаше Македонија, Македонија, но заморениот и гладниот поворник немаше сила да го продолжи скандирањето.

И за сето тоа време, камбаната на новата црква биеше во полн ѕвон. Можеби беше жизнерадосно биењето во чест на бранителите на македонштината, можеби само ете ја испробуваа камбаната на црквата која се уште не е зографисана и пуштена во употреба. Но, мене ме потсети на моето детство од Прилеп, кога живеев во близина на црквата Св. Богородица и кога поминуваа посмртни поворни. Тажно, траорни, одвреме-навреме некој исцрпен од болка глас, ќе залелека, а лелекот стивнува до болка.

Капак не сето тоа, беше голотијата на употребениот јазик во гласните изливи на незадоволство од неколкумина млади лица „зошто ние незаинтересирано гледаме како се распаѓа Македонија“. Клет, срамен, низок, дрзок, неинвентивен речник. И се прашувате дали овие млади луѓе од училиште посетувале само голем одмор?

 

Утринава, седнувам да видам некој интересен, некој полезен, некој текст што ќе ми го задржи вниманието.

И меѓу другите наидов на нешто со тема која од вчеравечер ме прогонува, па го прочитав размислувањето на Јованка Дојранлиева.

 

Jovanka Dojranlieva

пред 13 часа · Gevgelia, Gevgelija Municipality ·

Помина колоната протестирачи „За заедничка Македонија“ и низ нашата улица во Гевгелија. Протест никаде не најавен, ама изгледа си добиле задача кога биле на работа од директорите на јавните претпријатија, јавните установи, училиштата.

Видовме три македонски знамиња и слушнавме два извика „Македонија, Македонија“.
Колоната ја одмина улицата во молк.

Пред да поминат низ нашата улица поминаа низ низа рекламни ознаки за тоа каде има дентистички ординации, фризерници, ресторански менија, испишани на грчки јазик, (οδοντίατρος, κομμωτήριο, εσχάρα, ψάρι…), … иако грчкиот јазик со ништо не е обврзувачки за МК, ниту за Гевгелија, освен претприемачката логика на сопствениците на дуќаните, кафеаните да привлечат странски муштерии.

На неколку крстосници низ градот ги поминаа и патоказите за „Ски центар Кожуф“ – приватна инвестиција која отиде во стечај, а за која Владата на Груевски одвои 18 милиони евра за изградба на пристапен пат до Ски центарот кој имаше деловна сезона од по 10 дена во годините кога постоеше. Еден од сопствениците на „Ски Центарот Кожуф“ е деловен партнер на актуелниот градоначалник на Гевгелија, во минатата деценија заедно управуваа во „Солун 53“ кој исто така го однесоа во стечај.

Од стечајни менаџери, како може да се очекува резонско решение во ваква состојба, освен режија на хаос за одбрана на бандата криминалци од врхушката на власт.

До шетачите од Гевгелија: Знаеме дека не ви е срам да кажете калимера на пазар во Гевгелија, се срамите што ве натерале да протестирате па нечујно тапкате по асфалтот!? Па имате ли вие свое ЈАС!?

 

На ваквото пишување на Дојранлиева, меѓу другите се наоѓа и овој одговор.

 

Eli Koleva Кој та брое тебе во луѓето лудачо ? Сашо Поцков мора да те брое оти СДСМ во моментот е под СОРОС кој тебе ти дава 60.000 долари годишно…да имате да се најадете со синот…оти 30 години само јадете ништо не работите… господ нека ви е на помош паразити.. и на СДСМ нека му е на помош.

 

Не толку навредувачкиот стил на пишувачот, колку што ме заскокоткаа неколку други работи во одговорот.

Првата е односот кон македонскиот литературен јазик. И доколку вакво непознавање на литературниот јазик би очекувале од лице чија едуцираност е лимитирана, тоа секако не би го предвиделе од човек кој во Скопје завршил Медицински факултет. Очекував дека 5-6 годшниот престој во Скопје би требало  да го збогати речникот на госпоѓата со нешто повеќе од „лудачо“.

Второ, уште пострашно, е што такво лице работи како лекар во ЈЗУ Здравствен дом, претпоставувам во Гевгелија, бидејќи лекарите ПРЕД СЕ, треба да се грижат за здравјето на СИТЕ пациенти согласно дадената Хипократова заклетва. Со напишаново госпоѓата доктор се покажува како поголем Хипокрит отколку доследен следбеник на Хипократ. Или, ќе го преточам во прашање, на кое немам потреба од одговор. Дали госпоѓата доктор или нејзе сличен и приличен, доктор, ќе одбие да лечи пациент кој на пат за Грција има потреба од лекарска интервенција? А при тоа, пациентот е еднојазичен, говори само албански? Или, англиски? Или, германски?

И на крај, мојата најголема дилема. Што се случи со Медицинскиот факултет во Скопје? Факултетот е при УКИМ, да, големиот, најдобро рангираниот државен универзитет во Република Македонија. И повторно, и повторно, и повторно.

АКО САКАШ ДА УНИШТИШ ДРЖАВА УНИШТИ ГО ОБРАЗОВНИЕТО

АКО САКАШ ДА ГО УНИШТИШ ОБРАЗОВАНИЕТО УНИШТИ ЈА НАУКАТА

АКО САКАШ ДА ЈА УНИШТИШ НАУКАТА УНИШТИ ГО АРХИВОТ

Во Македонија сето тоа е уништено, а за да ја зачуваме државата треба од корен да го реформираме образованието и се што го следи.

Тогаш нема да слушаме навредливи довикувања од млади момчиња оглавени со националистички огламник, ниту доктори „кој та брое“.

Во спротивно, Господ нека ни е на помош.

 

АКО.мк