Потрошени десетици милиони евра за садење, ефектот никаков

Од 50 до 70 милиони денари, просечно еден милион евра, чини една акција Ден на дрвото. Акцијата се организира од 2008 година, на почетокот до 2012 два пати годишно напролет и во есен, но потоа Владата реши да се сади само во доцна есен на препорака на експерти, бидејќи пролетните насадувања не виреат. Ако вкупно досега се спроведени петнаесетина акции, простата математика кажува дека се потрошени 15-тина милиони евра, иако никој не излегол со прецизна бројка ниту на потрошените пари, ниту на ефектите од засаденото.Според проценката треба да се засадени 50 милиони садници за осум години на вкупна површина од 14 032 хектари во 16 работни акции Ден на дрвото.

Според години тоа изгледа вака: 2008-2560 хектари, 2009 – 3915 хектари, 2010- 2017 хектаи, 2011- 744 хелтари, 2012- 1400 хектари, 2013-1501 хектар, 2014-1064 хектари и 2015 година 931 хектар земјиште засадени со садници.

Дополнително, преку редовната програма за Проширена репродукција на шумите во периодот од крајот на 2006 до 2010 година биле засадени вкупно 3000 хектари. Само на 12 март 2008 година, на првото Ден на дрвото, се засадија 2.035.000 садници, онолку колку што нашата држава има граѓани-кажуваа тогаш организаторите.

den-na-drvoto

Во овој процес беа вклучени ЈП Македонски шуми, Министерството за земјоделство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Министерството за образование, Министерството эа труд и социјална политика, Дирекцијата эа эаштита и спасување и други институции, како и граѓани, кои ,,доброволно,, се вклучуваа во акцијата. главно, пошумуваше администрацијата, заради што е прогласен за неработен ден, но потоа вработените си го одработуваа во првата наредна сабота..

,,Акцијата започна со засадување на цреша на споменикот на Тоше Проески во Крушево. Црешата со нејзините цветови го означува доаѓањето на пролетта. Таа е симбол на чистотата, на повторното раѓање и на надежта. Таа е симбол на љубовта кон ближните и природата. Сите овие вредности беа толку карактеристични эа големиот македонски уметник и хуманист,,- ивака известуваа главно провладините медиуми кои секоја година му даваа неверојатно значење на садењето дрвца посветувајќи ги комплетно вестите на акцијата со детали кој функционер каде садел.

Прв координатор на Иницијативниот одбор “Ден на дрвото” беше оперскиот пејач Борис Трајанов.Тој изјавуваше:

– “Масовноста во засадувањето, односно бројот на граѓани кои излегоа на местата на пошумување е голем, а со секоја акција еколошката свест кај луѓето се повеќе ќе се подигнува. Ако на претходните акции излегле 10 отсто од населението, интенција ни беше процентот да не биде помал од 15 до 20 насто, а зошто не и повеќе. Освен тоа инсистиравме од институциите на поорганизиран и поголем превоз до непристапните места кои се пошумуваа,,.

Жарко Караџоски, директор на ЈП ,,Македонски шуми во 2013 година на прашањето колку пари се потрошени за садењето, рече новинарите сами да пресметаат колку пари се потрошени.

– Не би сакал на овој ден да зборувам за тоа. Белите дробови и здравјето се најскапи, а парите се ништо. Една акција чини од 50 – 70 милиони евра, тоа е трошокот кој го прави претпријатието, засадувањето е волонтерски, никој овде не зема пари – изјави Караџовски.

Колку за споредба, Македонија од 1946 година па до денес е пошумена со 200 илјади хектари површина, 14 000 отпаѓаат на последните скоро 10 години. Рекордна пошуменост статистиката бележи во 1983 година од 10 000 хектари.

Порано се садеа веќе делумно израстени садници-дрвја, сега ластари. Но, актуелните функционери не пропуштаа прилика да кажат дека до нивното доаѓање никој ништо не направил на овој план. Бројките ги демантираат, а состојбата на терен уште повеќе. Соголените ридови станаа реална опасност од поплави, што се покажа кобно во август годинава, кога 20 наши сограѓани ги изгубија животите од налетот на надојдената вода кај скопската обиколница.

Емилија Лазаревска