Починаа три новороденчиња откако мајката била породена со царски рез

На клиниката за гинекологија и акушерство почина тројка новороденчиња. Пациентката била хоспитализирана завчера со болки во стомакот. Истиот ден била породена со царски рез со претходно прснат воденик и испадната папочна врвца, информираат од Клиниката.

 33 -годишната жена била во 27-та недела од бременоста и оплодена со Ин Витро.
Трудницата е од тетовско Доброште, на Клиниката била донесена завчера во вечерните часови со компликации и болки. Дежурните екипи не успеале да спасат ниту едно од трите бебиња.
Роднини на семејството обвинуваат дека на гинекологија немало доволен број инкубатори и тоа било причината за фаталниот исход на новороденчињата.

СОд Клиника за гинекологија уверуваат дека е спроведена  и примарна реанимација и дека во инкубатор сите три биле транспортирани на Одделението за интензивна неонатална нега и терапија. За жал, веќе следниот ден е констатирана смрт на новороденчињата.

Министерството за здравство веднаш формирало комисија за стручен надзор која детално ќе го испита случајот, за да утврди дали во целокупниот третман на родилката и новороденчињата е постапено согласно протоколите и медицината базирана на докази.