(11 јули 1934, Скопје-07.12.2018)

Тетараската актерска легенда, единствената Љупка Џундева, почина на 84 години во Скопје.

Завршила Државна средна театарска школа во Скопје (1951). Од 1951 до пензионирањето во 1990 година работи во Драмата на Македонскиот народен театар. Таа е актерка со долга, трпеливо градена и маркантна театарска кариера.

Макар што зад себе има повеќе од  пет децении континуиран стаж (дебитирала 1951), оваа  рафинирана актерка успеала целосно да ги сочува грацилноста,  искреноста и  убавината,  со која ги збогатувала и продолжува да ги збогатува  сите свои креации, реализирани во апсолутно сите македонски медиуми (театар, радио, телевизија, филм).

Ќе биде запаметена по улогата во антологискиот македонски филм на Димитри Османли, ,,Долго мирно лето“

Селективна театрографија: Сузан Волкот (Вештерките од Салем, 1955); Марија (Ревизор, 1956); Амелија (Домот на Бернарда Алба, 1956); Свршеничката (Крвави свадби, 1962); Коломба (Коломба, 1965); Џејн Сејмур (Хенри VIII и неговите жени, 1967); Розаура (Венецијански близнаци, 1968); Наталија Ивановна (Три сестри, 1970); Порција (Венецијанскиот трговец, 1970); Доилката (Фарса за храбриот Науме или како Растрбушентиј и Маснотиј заработија пари за гостилница, 1971); Оливера Срезовска (Ѕидот, водата, 1973); Евдокија Ортакоска-Жарот (Време за пеење, 1975); Зинаида Савишина (Иванов, 1984); Ана Андреевна (Ревизор, 1987); Ирина Николаевна Аркадина (Галеб, 1990).

Награди: Награда за актерско остварување на Фестивалот Недела на југословенската радио-драма за улогата на Влатка во радио-драмата Не гледајте во ангелите од Томе Арсовски (1971); Награда на град Скопје 13 Ноември (1983); Награда за животно дело на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински (Прилеп, 2000); Награда 11 Октомври за животно дело (2000).