Актерот Питер Фонда почина на 79-годишна возраст по битка со
рак на белите дробови, соопшти неговото семејство.

Фонда, кој се прослави со легендарниот филм ,,Голи во седло“, снимен во 1969 година, починал во сон во неговиот дом во Лос Анџелес, се вели во соопштението на неговото семејство.

Питер Фонда во ,,Голи во седло“


Питер Фонда е син на Хенри Фонда и помал брат на Џејн Фонда.

Во изјавата на неговото семејство се вели:

„Со длабока тага ги споделуваме вестите дека почина Питер Фонда.

Во еден од најтажните моменти од нашите животи, не можеме да најдеме соодветни зборови за да ја искажеме болката во нашите срца. Додека тагуваме, бараме да ја почитувате нашата приватност. И додека жалиме за загубата на овој добар и милостив човек, ние исто така посакуваме сите да го прослават неговиот непоколеблив дух и љубов кон животот.Во чест на Питер, ве молам кренете чаша за слободата,“ се вели во пораката од семејството.

Фонда починал во 11.05 часот по локално време, во петок. Официјалната причина е респираторна слабост поради рак на белите дробови.

Фонда беше добро позната фигура на контракултурното движење од 60-тите од минатиот век. Заработи номинација за Оскар за најдобро оригинално сценарио за Easy Rider, каде глуми со Денис Хопер.

Тој беше номиниран за Оскар за најдобар актер за драмата „Злато на Ули“ во 1997 година и доби Златен глобус за филмот.