Почина Амди Бајрам само неколку дена по свадбата на внуката

Долгогодишниот пратеник и претседател на партијата Сојуз на Ромите, Амди Бајрам, почина на 64-годишна возраст. Долго време боледуваше од дијабетес и му беше ампутирана ногата.

Амди Бајрам е роден во Скопје  и има завршено средно трговско училиште, а извесно време бил генерален директор на текстилното претпријатие „Шутекс“.

Бајрам во 1994 стана пратеник во Собрние на РМ како член на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР). Во 1996 ја основал СРМ и бил назначен за нејзин претседател. Тој беше пртеник сѐ до последните парламентарни избори, кога се повлече поради болест.

 Бајрам во 2004 беше обвинет за кражба на платно од штипската фабрика „Македонка“ вредно 750 илјади евра. Тој првично беше осуден на 7-годишна казна затвор, која потоа му беше намалена на 4 години. На локалните избори во 2005 година, додека пресудата уште не била правосилна, се кандидирал за градоначалник на Шуто Оризари. Иако победи, беше градоначалник нецел месец бидејќи беше однесен на издржување затворска казна во затворот во Штип. Во 2007 казната му беше намалена за шест месеци од претседателот Црвенковски, а во 2008 излезе од затвор.

На 17 октомври направи свадба за внуката Перихан во Истанбул. Свадбата се случи на брод на Босфор, со над 200 гости од Македонија.

Во земјава, поради коронавирусот забрането е организирање свадби, па поради тоа Амди Бајрам реши свадбената прослава да ја организира во Турција каде нема ваква забрана.